Тетовскиот регион со над 30.000 невработени
За економскиот колапс на тетовскиот крај зборува и податокот од над девет илјади семејства - корисници на социјална помош
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Изминатите две децении во тетовскиот крај се затворија многу стопански објекти, а економијата речиси целосно замре. Колку тетовскиот регион преживува тежок економски колапс се потврдува и со податокот што над девет илјади семејства се корисници на социјална помош, а повеќе од 30.000 се евидентирани како невработени. Меѓу невработени има и лица со научни звања.
А пропаѓањето на тетовска економија беше и повод за меѓусебни обвинувања на општинските раководства на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за тоа кој е виновен за пропаста на тетовската економија. Општинските раководства на двете партии реагираа пред некогашните познати стопански капацитети - ШИК „Јелак“ и ЕМО, чии погони сега се затворени, продадени или пренаменети, веројатно инспирирани од своите централи.
Првин се огласи Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ пред затворената капија на некогашниот голем комбинат за дрвна индустрија ШИК „Јелак“. Портпаролот Бобан Антевски рече дека „само поради лошото раководство и негрижа, 800 работници се на улица, иако во минатото во ова претпријатие имало огромни вложувања од државата, а е доведено до пропаст. Тој потсети дека во Тетово во последните 20 години без работа останаа близу 20.000 луѓе во „Југохром“, ШИК „Јелак“, „Електрометал“, „Автокуќа“, „Неметали“, „Тетекс“, „Алумина“, „Бетон“, „Тетовоградба“, „Гранит“, „Едтко“, „Мишка“, „Годел“, „Жито-Полог“, ЗИК „Тетово“, Ладилник, „Техномаркет“, „Деликатес“, ВСП „Полог“.
На овие обвинувања возврати СДСМ. Соња Трифуновска, член на ЦО СДСМ, времето на владеењето на политичките опоненти од 1998 до 2002 година го оцени како „период на тотална државна деструкција кога цутеше криминалот и корупцијата“. Тогаш се направија измени во Законот за трансформација на општествениот капитал и за првпат се воведе можноста за директна продажба. „Во Тетово тогаш беа крчмени ’Југохром‘ и ’Интерпромет‘. Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, уништени се и раскрчмени ’Медицинска пластика‘, ’Македонија табак‘, ШИК ’Јелак‘. Тетово го изгуби епитетот град на текстилот. Сите текстилни фабрики се пред колапс, а по конфликтот во 2001 година беа затворени ’Агропрогрес‘, ’Неметали‘, уништени ’Матекс‘ и ’Елан‘. Погонот на ЕМО имаше 80 вработени, работеше како успешна и профитабилна фирма. Ја продаде ВМРО-ДПМНЕ“, рече Трифуновска. |