Поплавите од Словенија и се закануваат на Хрватска
Во саботата ноќта беше прогласен највисок степен на опасност од поплави во кои загина една девојка
Поради силните дождови и порастот на водостојот во Словенија во саботата ноќта беше прогласен највисок степен на опасност од поплави и лизгање на земјиштето. Една девојка загина во надојдените води. Во саботата ноќта се зголемија водостоите на сите реки, но во утринските часови почнаа да опаѓаат. Во западниот дел на Словенија дождот престана да врне, а прекин на врнежите наскоро се очекува и во останатиот дел на земјата. Состојбата во Љубљана почна да се подобрува.
Делови од Љубљана во саботата и во ноќните часови беа целосно под вода, а беа поплавени и некои околни населби. Без електрична енергија останаа повеќе од 3.000 жители на Љубљана.
Најкритична беше состојбата во подрачјето Целје каде што од коритото се изли реката Савиња и го поплави патот Целје - Ѕидани Мост. Савиња се изли преку насипот и во подрачјето Лашко, а како што јави Радио-телевизија Словенија Лашко е отсечено од светот.
Во Загорје на Сава поплавата предизвика голема материјална штета. Таму беа поплавени повеќе фабрики и станбени згради, а евакуирани се и неколку семејства. Слична беше состојбата и во подрачјето Ајдовшчина во западниот дел на земјата. Триесетина патишата во Словенија се затворени за сообраќај.
Невремето и' се заканува и на Хрватска. Големо количества врнежи предизвика драматичен пораст на водостојот на реката Сава, па полицијата во Загреб мораше да ги затвори патиштата преку товарниот канал Сава - Одра. Ќе се затворат и други локални патишта, а се очекува и прогласување на вонредни мерки за одбрана од поплави.
Сава во Загреб се излеа од коритото и стигна до насипот. На сливот на Сава во близина на Загреб се' уште се на сила редовните мерки за заштита од поплави, додека во Загреб е во состојба на готовност. Водостојот се зголемува од три до пет сантиметри за еден час.
Поројни дождови врнат и во риечкото, истарското и горанското подрачје. Во Истра има локални излевања. (Индекс, "Монитор")
|