Што мислат Албанците за плоштадот „Скендербег“
Светлана Унковска
Дали јавната дебата може да ги отвори сите прашања што се наметнуваат деновиве околу изградбата на плоштадот „Скендер-бег“? Дали отворено и искрено ќе се проговори за тоа колкава е потребата од уште една монументална градба во време на економска криза кога за тоа на цел глас се критикуваше проектот „Скопје 2014“. Дали овој грандиозен плоштад од левата страна на Вардар, дефинитивно, ќе значи етничка поделба на Скопје?
Дали буџетските пари треба да се трошат, а не да се користат за проекти што имаат партиски цели. Примерот со проектот на ВМРО-ДПМНЕ „Скопје 2014“ беше осуден како проект што ќе предизвика меѓуетнички тензии и ќе го подели градот, а сега визијата на главната владејачка партија ја следи нејзиниот коалициски партнер ДУИ.
„Скопје 2014“ беше дочекан со лавина критики и остри напади не само од политичката и експертската јавност од албанската заедница туку против него беше голем дел од македонската јавност. По првите жестоки осуди поради моноетничкиот карактер на овој проект на албанските политички партии и јавноста се приклучи и македонската политичка и експертска елита, која се противеше на градењето црква на плоштадот, особено поради тоа што не се планираше и џамија.
Сега се очекува дебатата за „Скендер-бег“ да ја надмине етничката рам��а, а јавноста е исправена пред предизвикот за принципиелност во забелешките и во осудите. Засега се тврди дека на него не се предвидуваат споменици, односно содржини од моноетнички карактер и дека овој плоштад наместо да ги дели, ќе ги спојува граѓаните од сите етнички заедници. Но, самото именување на плоштадот „Скендер-бег“ веднаш упатува на создавање простор наменет за граѓаните од албанската заедница, а со тоа и на создавање етнички поделби. Оттука се раѓа и сомнежот дека единствената причина за замолчувањето на ДУИ и тоа што Комитетот за меѓуетнички односи не ја отвора дебатата за „Скопје 2014“ е поделбите на проектите. Сомнеж фрла и фактот што се повторува истата сцена кога едниот коалициски партнер го промовира проектот, а другиот тврди дека ништо не знае.
Градењето два плоштада ќе го одрази актуелниот миг во општеството каде што наместо државата да создава мултиетничност, се промовираат паралелни светови. Албанските интелектуалци што ги контактираше „Утрински весник“ се поделени во оцените за изградбата на плоштадот. Некои воздржано, некои отворено проговорија за тоа што ќе продуцира овој проект на ДУИ.
Даут Даути, новинар и публицист Добро замислен проект
Ако „Скопје 2014“ е владин проект и се реализира преку Општина Центар, не треба да има ништо спорно еден ваков проект, каков што е плоштадот „Скендер-бег“, да го реализира Општина Чаир. Сметам дека Владата на ист начин како што го поддржа „Скопје 2014“ треба да го поддржи и плоштадот „Скендер-бег“. Потребно да се уреди тој простор, кое е тесно грло на градот, а замислата е да се спојат тие простори со надвозник од Старата чаршија до МНТ. Со ова и чаршијата ќе заживее, пристапот ќе биде многу полесен и ќе има една послободна комуникација. Во таа функција е добро замислено, затоа што овој простор ни припаѓа на сите, а не само на Чаир и на Центар. Во принцип, сум против моноетнички проекти и бев против „Скопје 2014“ каде што се испушти да се преслика реалноста на Македонија.
Алберт Муслиу, аналитичар Оцртување на феудите
Прво, секое градење на такви монументални работи е позитивно во нормални околности и второ, тој дел е релативно неуреден, а е блиску до централниот дел на Скопје и до Бит-пазар. Но, за мене најпроблематичен е начинот на кој се донесуваат одлуките. И овој плоштад и „Скопје 2014“ се исклучиво начин на водење политики и државните приоритети се поистоветуваат со партиските. Не знам по кои принципи владејачките партии одлучиле дека ова се приоритите во Македонија и кој индикатор го користеле за тие проекти да бидат приоритетни во кризна година. Морам да кажам дека ова ме асоцира на еден паралелен начин на одлучување или создавање феуди каде што секој одлучува за своја цел. Тука, секако, имаме и поистоветување кога партиските стануваат државните стратегии.
Ким Мехмети, аналитичар Вазалски однос на ДУИ
Мислам дека ДУИ го доби плоштадот „Скендер-бег“ со вазалскиот однос во Владата. Не можејќи да ги пласира своите идеи, ДУИ имаше два избора: да го прифати проектот на Груевски, кој се сведува на градење плоштади и на споменици, или да изгуби се'. По еден етнички плоштад, како што е „Скопје 2014“, се знае која ќе биде реакцијата, иако во него видов коректност и обид да биде заеднички за сите. Не мислам дека „Скендер-бег“ ќе го продлабочи меѓуетничкиот јаз, бидејќи тој и не може да биде подлабок отколку што е сега. Овој плоштад, кој ќе преминува преку булеварот, само ќе ја коригира грешката на тоа што се направи со плоштадот на Груевски. Ние трошиме премногу енергија за тоа кој прв почна, но поважно е тоа што Груевски продолжува со својата антиалбанска, антиевропска и анти НАТО политика.
Хасан Јашари, социолог Одговор на „Скопје 2014“
Ова е резултат на погрешните чекори што се влечеа со „Скопје 2014“ и е компромисно решение за мир во куќа од страна на коалициските партнери. Мислам дека тоа не е производ на реалните потреби на населението имајќи ги предвид есенцијалните проблеми на граѓаните за храна, здравствена заштита, образование, домување итн. Од друга страна, сметам дека е потребно за релаксирање на меѓуетничките односи, иако тоа се сведува на – еве, вие од десна, ние од лева страна.
Мислам дека во иднина ќе треба со процес на интеграција да се надминат овие моментални екстремизми и на крај, сакам да верувам во тоа и оптимист сум дека луѓето, сепак, ќе ги надминат разликите и ќе се најдат на тие плоштади.
Авзи Мустафа, Унија на албански интелектуалци Модернизација на Скопје
Плоштадот „Скендер-бег“ ќе биде во духот на она што се прави за модернизација на градот Скопје. Мислам дека овој плоштад навистина може да придонесе за зближување на граѓаните, бидејќи ќе ги спојува општините Чаир и Центар, ќе го спојува модерното со традиционалното, Стара чаршија, Чифте-амам со МНТ и новите проекции со овој плоштад. Од аспект дали ни се потребни вакви инвестиции во ова време, можеби би размислувале поинаку. Но, кога се трошат над 200 милиони евра за плоштадот „Македонија“, може да се потроши уште една четвртина од таа сума за да добиеме нов лик на нашиот град. „Скендер-бег“ ќе не' обедини и ќе овозможи типично мултикултурно и мултиетничко Скопје, какво што е во реалност.
Назим Рашиди, дописник на Би-Би-Си И едните и другите можат
Првичните реакции што доаѓаа за плоштадот „Скендер-бег“ е дали такво нешто е потребно во време кога граѓаните имаат многу побитни потреби. Бидејќи работите се поставени во друга димензија, се' се сведува, условно кажано, на зошто „едни“ можат да градат, а „други“ не. Зошто едните можат да го градат „Скопје 2014“, а другите да не можат да го градат „Скендер-бег“ кога буџетските пари се заеднички. Од овој контекст плоштадот „Скендер-бег“ ќе се смета како замена за неуспешноста на проектот „Скопје 2014“ да се претстави како нешто заедничко, туку како целосен моноетнички проект.
Артан Садику, аналитичар Плоштади за партиски цели
Предлогот за изградба на плоштадот околу споменикот на Скендер-бег се експлоатира како за партиски цели на ДУИ, така и за подгревање на етничките тензии во Македонија. На него не може да се гледа како одговор на проектот „Скопје 2014“, бидејќи тој нема никаква историска содржина, туку е чист архитектонски потфат на дел од Старата чаршија. Но, именувајќи го овој проект со името на Скендер-бег, ДУИ се труди да се постави пред Албанците како истомерен градител на историјата во нејзиниот судир со ВМРО-ДПМНЕ. Во целата оваа приказна станува јасно дека за да опстанат на власт, партиите се служат со исти методи за креирање на националистичкиот фетиш преку кој се троши буџетот за градби што се во спротивност со социјалната катастрофа во Македонија.
Џабир Дерала, НВО „Цивил“ Непродуктивни проекти
Ако го гледаме од политички аспект, овој плоштад е една рефлексија на тоа што воопшто ни се случува во државата и што на крајно арогантен начин е наметнато од владејачките структури. Ако ја гледаме Македонија дека од економска, социјална и политичка позиција е на колена, со очигледниот криминал со „Скопје 2014“ се прашувам дали и проектот „Скендер-бег“ им треба на Скопје или на Општина Чаир, каде што се потребни едно чудо инфраструктурни зафати, справување со сиромаштијата и безбедносните предизвици. Зафати од типот на мегаломанското чистење на теренот и поставување инфраструктура со цел да се парира на „другата страна на мостот“ се непродуктивни и нема никому да му донесат корист.
|