Годинава ни „р“ од реформите
Во првите шест месеци реформи во земјава речиси и немало, оценува ЕУ
Тамара Грнчароска
Се' што направи Македонија во реформите направи во 2009 година, бидејќи не успеа тој тренд да го продолжи и во 2010 година, е оценка од ЕУ пред извештајот за прогресот на Македонија на 9 ноември. Иако европските претставници не сакаат да прејудицираат што ќе содржи тој, нагласуваат дека застојот нема да може да биде анулиран поради малото поместување од мртвата точка на реформите во последните два-три месеци.
Мало придвижување во реформите е констатирано во делот на политичкиот дијалог, со усвојувањето на Деловникот за работа на Собранието, но тоа тешко може да го надомести пропуштеното во првите шест месеци од оваа година кога реформи во земјава речиси и немало.
Ваквата порака на македонските власти им била пренесена од шефот на одделот за Македонија во Директоратот за проширување на ЕК, Кристијан Хедберг, кој во изминатите два дена имаше интензивни средби со претставниците на македонската Влада, пред се', со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Васко Наумовски, и со премиерот Никола Груевски. Детали од средбите на Хедберг во Владата не можеа да се добијат, но неофицијално тој предочил оти 2010 година, целосно гледано, е испуштена шанса за правење исчекор на земјава кон ЕУ . „Се сакаше да се види прогрес, а не се' да се задржи на исто ниво како лани“, наведуваат дипломатски извори кои сакаат да останат анонимни.
Втората порака која стига од Брисел е дека Македонија од двата чекора на приближување кон ЕУ го има направено само првиот и полесниот, т.е. усогласувањето на законите. Вториот и потешкиот, имплементација на законите, се' уште не е реализиран.
Забелешките од ЕК за реформскиот процес и оваа година ќе се повторат за истите клучни области како и минатата година - политичкиот дијалог, судството, јавната администрација, енергетиката, недискриминацијата, а дополнително ќе се потенцира состојбата со медиумите. Политичкиот дијалог за изминатата година тешко дека ќе може да се спаси од негативните забелешки само поради неодамнешното усвојување на собранискиот Деловник, што според дипломатите требаше да се случи многу порано. Департизацијата и независноста на судството остануваат на списокот на незавршени работи, со порака дека мора да се преземат мерки за јакнење на неговата независност, особено со назначувањето на судиите.
Реформите во јавната администрација според европските претставници се круцијални за иднината на земјата, бидејќи тие ќе бидат носители на идниот процес на преговори со ЕУ, но и за спроведување на одлуките што ќе ги носи ЕУ. Токму администрацијата беше една од клучните теми на посетата од ЕК, пред се', поради привремените вработувања за кои Брисел во изминатава година бараше да бидат регулирани, т.е. да станат трајни, но не автоматски, туку со почитување на Законот за државни службеници. Забележан е недостаток во имплементацијата на законите за регрутирање на јавната администрација и за напредување на службениците во кариерата.
Напредок е забележан во реформите на полицијата, додека околу Законот за недискриминација Брисел не отстапува од тоа дека тој не е според европските стандарди и дека еден ден Владата ќе мора да направи амандмански измени.
Дипломатските извори наведуваат дека во изминатата година со големо внимание од ЕК се следела состојбата со медиумите во земјава, што ќе биде составен дел од извештајот. Особено се следела притоа транспарентноста околу сопственоста на медиумите, јакнењето и сигурноста на јавниот сервис, како и правото на новинарите слободно да ја вршат работата, да коментираат и критикуваат. (Т.Г.) |