ЕДИТОРИЈАЛ
Исплашени градежници
Билјана Ангеловска
Како кула од карти се урнаа долгогодишните апели на еснафот дека градежништвото е пред колапс. Што е интересно, не требаше никој однадвор да помогне во уривањето, тоа го сторија самите градежници. Со неприсуство на седницата во Стопанската комора на која требаше да зборуваат токму за проблемите со кои се соочуваат, тие манифестираа тотална незаинтересираност за сопствената положба. Веројатно, задоволни се од состојбата! Или можеби е нешто друго во прашање!
Бојкот или страв, нема трета причина со која би можело да се „оправда“ отсуството на над 95 проценти од членките на Групацијата за градежништво и индустрија на градежни материјали. Агонијата во која објективно се наоѓа градежништвото веќе подолг период, не била вистинска? Тешко. Фактичката состојба покажува дека ситуацијата е далеку од добра, дека проблемите растат од ден на ден и оти со нив се соочуваат сите што имаат какви било допирни точки со градежништвото. Значи, бојкотот отпаѓа како причина. Останува стравот! Во неврзан муабет сите признаваат дека имаат проблеми, дека државата не им плаќа, дека тешко доаѓаат до земјиште, се' потешко до работа, дека имаат проблеми со обезбедувањето дозволи... Јавно, пак, раскажуваат друга прикаска, и' се умилкуваат на власта, „признаваат“ дека државата не им должи. Демек, се' е мед и млеко. Ред тули, ред малтер и објектот ќе никне без проблем. Но, дали е се' токму така?
Притиснати веќе до ѕид кога се' потешко се тера живејачката без пари, работниците ги оставаат лопатите и мистриите и отворено зборуваат за своите маки. Тие не се плашат да кажат дека аргатат деноноќно на градилиштата, на жега, на дожд, дење, не ретко и ноќе. И тоа за ич пари. Некој ги експлоатира. Можеби не зашто така сака, туку зашто е принуден, оти и тој некој тешко успева да си ја наплати извршената работа. Сепак, тоа не може да го оправда зашто неговата задача е да обезбеди работа, да ја изменаџира и на крајот, секако, да ги исплати оние што работат за него. Тој треба да ја бие битката и за себе и за работниците.
Но, ниту проблемите се решаваат ниту, пак, професијата се штити со забивање на главата в земја. Напротив, треба да се зборува јавно. Ама, господа градежници, кој сакате да ви ја извојува битката? Стравот од отворено кажување на своите маки не го оправдува вашиот целосно подигнат гард кон јавноста. Точно е дека државата е најголемиот инвеститор, но, веројатно, сте свесни дека вашите работници треба од нешто да живеат. Што ве спречува отворено да признаете дека државата не ги исполнува своите обврски кон вас. И тоа, не само во смисла на редовно плаќање, туку и во насока на носење законски прописи со кои ќе ви се олесни работата и, конечно, ќе бидат елиминирани многу недоследности и проблеми со кои се соочувате. Зошто се плашите да кажете дека наместо да ги добиете одобренијата за градење за 30 дена, како што е законски одредено, вие ги чекате по 130 дена? Или дека тешко добивате „чисто“ земјиште за градење. Камоли да побарате да имате приоритет пред странските инвеститори.
Мобилизирајте се и збијте ги сопствените редови. „Стегнете“ ја Комората на овластени архитекти и инженери, во која, всушност, членувате самите, донесете строги, ама навистина строги критериуми за добивање лиценци, па во иднина нема да ви се случува работата да ви ја земаат пред нос човек-фирми или странски компании, кои потоа на своја рака повторно ангажираат сомнителни човек-фирми. Молчешкум поминавте преку последната измена на Законот за јавни набавки со која државата си отвори пат да може одложено да ви го плаќа она што го градите за неа. Немојте и натаму да бидете неми посматрачи на сопственото пропаѓање. Крајно време е да си ја земете судбината во свои раце. Победете го стравот еднаш засекогаш зашто вашата бројност ве прави посилни и од градбите што ги создавате. |