Рожман 69. меѓу 85 учеснички на 100 м
Денеска на атлетиските борилишта треба да се појави и Селман во трискок
Петтиот македонски спортист што настапи на Олимписките игри во Пекинг, атлетичарката Ивана Рожман, го освои 69. место во конкуренција на 85 натпреварувачки во квалификациите на 100 м. Деветнаесетгодишната Рожман трчаше во првата група, во која беше седма меѓу девет учеснички, забележувајќи време од 12,92 сек., полошо за 47 стотинки од нејзиниот личен рекорд остварен на 4 мај годинава на митингот „Отворање на сезоната“ во Скопје. Резултатот на едната од само двете македонски спортистки на Игрите покрај пливачката Елена Поповска е за повеќе од една секунда послаб од тој на Александра Војнеска, која на Балканијадата 2004 во Истанбул истрча 11,74 сек., а да не зборуваме за 11,6 сек. на Вера Вељановска од далечната 1973 година во Букурешт. Времето на Рожман е послабо и од тоа на Војнеска од ОИ 2004 во Атина, каде што таа со 12,15 сек. го освои 48 место.
Во квалификациската група на Рожман најбрза беше Американката Тори Едвардс со време 11,26 сек. Зад репрезентативката на Македонија завршија Пеорија Кошиба од Палау со 13,18 сек. и Бутаини Ал-Јакуби од Оман со 13,90 сек.
Утрово во 4 ч. по македонско време на атлетските борилишта треба да се појави и трискокашот Реџеп Селман. Дваесетгодишниот охриѓанец ќе стартува осми во групата А од квалификациите, во кои е убедливо на дното меѓу 39 атлетичари со својот личен и државен рекорд од 15,46 м, поставен на 22 јуни годинава во рамките на Европскиот куп од Б-дивизијата во словачкиот град Банска Бистрица. Само уште тројца покрај Селман имаат пријавено резултат послаб од 17 м, но сите тројца се за речиси 1,5 м подобри од него. |