Македонија ја збриша Романија со 51. поен разлика
Одличен старт на кошаркарите на „Трофеј Македонија“ и одлично деби пред македонската публика на Џеремаја Мејси
Наум Котевски
Тоа што го покажа Македонската кошаркарска репрезентација во првиот меч од силниот турнир што се игра во салата „Борис Трајковски“ против Романија и победата од 100:49 дефинитивно оди во прилог на мислењето на многу кошаркарски стручњаци во државава дека веројатно никогаш не сме имале посилна селекција.
Комплетниот состав на Јовица Арсиќ, засилен со извонредниот Џеремаја Мејси, кој од сезонава ќе игра за Реал Мадрид, со што дефинитивно стана една од најголемите европски кошаркарски ѕвезди, си поигруваше со Романија во текот на целиот меч.
Објективно Романија не е репрезентација, која треба да биде лакмус за тоа до кое ниво на форма се наоѓа овој состав и какви му се шансите за пласман на претстојното европско првенство во Полска (се наоѓаме во квалификациската група со Португалија, Летонија и Естонија), но начинот на кој ги одигра овие 40 минути ветува многу. Се функционираше извонредно и што е најбитно во ниту еден момент, дури и на 40 поени предност не дојде до опуштање. Арсиќ испроба неколку варијанти особено ги тестираше комбинациите на центри. Натпреварот го почна со Самарџиски и Антиќ под обрачите, а на бековската линија со Стефанов, Илиевски и Тасовски. Потоа им даде шанса на Џеремаја Мејси и Гечевски, па во вториот дел и на Гоцевски. И сите одиграа одлично, посебно Мејси кој проба со цепелин да дебитира пред македонската публика, но за малку не успеа. Но тоа не влијаеше на квалитативноста и атрактивност на неговата игра, која на крајот му донесе 15 поени. Ако нему не му успеа цепелинот, им успеа на асистентот Ристе Стефанов и егзекуторот Перо Антиќ, тандемот кој пред крајот на третиот дел ја крена публиката на нозе. На тој НБА потег аплаудираа сите и малубројната публика и клупата на Романија, а и нашата во тој момент предводена од Врбица Стефанов и Владо Илиевски.
Оваа партија против Романија на површина донесе два многу битни елемента - дека оваа репрезентацијата, во која некои играчи имаат страшен проблем со своите ега, може да одигра добро како колектив - за тоа најдобро говори фактот што сите се запишаа во листата на стрелците (најефикасни покрај Мејси беа Антиќ со 12 и Врбица Стефанов со 10) и дека може да одигра фантастично во одбраната. Тоа го потврдуваат само 17 поени што Романија успеа да ги реализира во првиот дел.
Како и да е, сите овие констатации за квалитетот на македонската репрезентација требаше да добијат потврда на вчерашниот меч против Турција, која е далеку посериозна селекција од Романија, иако во првиот меч од турнирот кој го загубија од Црна Гора 67:74 покажаа многу слабости. Во тој натпревар кошаркарите на Душан Вујошевиќ, кои годинава дебитираат како независна држава, стартувајќи од „Б“ дивизијата предноста ја создадоа во третата четвртина, која на крајот се покажа пресудна. Одлични кај Црна Гора беа Никола Пековиќ, Предраг Дробњак, Омар Кук, Шќепановиќ.
|