Тројна победа на Русинките
Златото го освои Дементиева, среброто Сафина, а бронзата Звонарева, сестрите Вилијамс победија во двојки
Еден-два-три победа на Русинките на олимпискиот турнир во тенис на Игрите во Пекинг. Златниот медал блесна на градите на Елена Дементиева по труимфот во финалето над сонародничката Динара Сафина со 3:6, 7:5, 6:3, додека бронзениот и' припадна на Вера Звонарева која во мечот за третото место ја надигра На Ли од Кина со 6:0, 7:5.
За седмата светска тенисерка, Дементиева, ова е најголем успех во кариерата, а како што и самата вели и во нејзиниот живот. До олимпиското злато стигна од втор обид. Првиот го имаше на Игрите во Сиднеј во 2000 година кога загуби од Американката Венус Вилијамс. Воедно, ова е прва победа на Дементиева над Сафина во оваа сезона. Ги загуби трите претходни во 2008 година, но ја прекина и серијата на Сафина која во Пекинг допатува до 15 меча без пораз.
„Тешко е да се опише чувството. Веројатно ќе ми требаат неколку дена за да сфатам дека станав олимписка шампионка. Ова е најголемиот и најзначаен момент во мојата кариера и во животот воопшто, момент кој никогаш нема да го заборавам“, рече Дементиева и дополни:
„Три Русинки на пиедесталот, ова е голем успех за Русија. Очекувавме и планиравме да освоиме медал во тенис, но никој не очекуваше дека ќе се вратиме дома со три“.
Русија во моментот доминира во светскиот женски тенис. Во најдобрите 10 на ВТА ранг листата оваа земја има пет претставнички, а во нивна сопственост се три од последните четири трофеи во Федерејшн купот.
Тенискиот турнир во Пекинг во женска конкуренција беше осиромашен со откажувањето на Марија Шарапова, поранешната број еден светска тенисерка, Ана Ивановиќ и олимписката шампионка од Атланта од 1996 година, Линдзи Девенпорт, а претходно во мај од активниото играње тенис неочекувано се прости и Белгијката Жастин Анин.
Шампионките од Сиднеј во игра на двојки, Серена и Венус Вилијамс, триумфираа и во Пекинг. Во финалето тие беа убедливи во дуелот со шпанската комбинација Анабел Медина Гаригез и Вирџинија Руано Пасквал со 6:2, 6:0 и станаа само втора женска сестринска двојка која освои олимписко злато по Американките Џиџи Фернандез и Мери Џо Фернандез.
„Навистина турнирот беше осакатен со неиграњето на неколку девојки, но и во една таква ситуација ова е момент во животот. Денешниот момент го доживеав со мојата сестра која ја сакам најмногу од се' на светот. Неверојатно е дека двете ќе се вратиме дома со медал. Премногу сум возбудена, дури не можам да зборувам“, рече Венус Вилијамс.
Бронзениот медал во игра на двојки остана во Кина. До него стигнаа Јан Жи и Јие Женг кои славеа над сестрите од Украина, Алона и Катерина Бондаренко, со 6:2, 6:2.
Жени, финале, поединечно: Дементиева (Русија) - Сафина (Русија) 3:6, 7:5, 6:3
Жени, за трето место, поединечно: Звонарева (Русија) - Ли (Кина) 6:0, 7:5.
Жени, финале, двојки: С. Вилијамс/В. Вилијамс (САД) - Гаригез/Пасквал (Шпанија) 6:2, 6:0.
Жени, за трето место, двојки: Жи/Женг (Кина) - А.Бондаренко/К.Бондаренко (Украина) 6:2, 6:2. |