Златно крунисување на Рафаел Надал
Во олипиското финале Шпанецот го совлада Гонзалес со 6:3, 7:6 и 6:3, и од денес е прв светски рекет
Златна година за шпанскиот тенисер Рафаел Надал. Кон трофеите на Ролан Гарос и Вимблдон во оваа година тој вчера го додаде и олимпискиот од Пекинг. Во финалето го совлада Чилеанецот Фернандо Гонзалез со 6:3, 7:6, 6:3, а веќе денеска ја презема лидерската позиција на АТП ранг листата од Роже Федерер со што ја прекинува четири ипол годишната доминација на Швајцарецот во светскиот тенис. Надал стана првиот тенисер што е меѓу најдобрите пет во светот во моментот на освојување на олимписко злато и прв Шпанец кој се закити со златен медал на ОИ по неуспешните обиди на неговите сонародници во 1992 година во Барселона и во 1996 година во Атланта. Гонзалез, пак, сега има цел комплет олимписки медали, во Атина во двојки го освои златото заедно со Николас Масу и бронзата во поединечна конкуренција.
Неговата победа во пекингшкото финале во ниту еден момент не беше доведена во прашање. Првиот и третиот сет ги доби со идентичен резултат, 6:3, додека во вториот Гонзалез му пружи најсилен отпор. Сетот го одведоа до тај-брејк, но чилеанскиот тенисер се истроши и го загуби со убедливи 7:2. Шансата за посреќен исход Гонзалез ја пропушти претходно. Во сеќавање ќе му остане приликата кога при водство од 6:5 и сервис на Надал имаше 15:40, две сет топки во низа, од кои првата му овозможи потполно отворен бекхенд-волеј по одличниот напад со форхенд. Подобра позиција и да сакаше не можеше да добие, но зицер-волејот заврши во аут. Втората сет топка ја потроши со форхенд во мрежа, додека во тај-брејкот воопшто немаше дилеми. Откако израмни на 6:6, Надал, за кого ова беше дебитантско учество на Олимпијадите, презеде се' во свои раце и доминираше од почетокот до крајот.
Бронзениот медал го освои Србинот Новак Ѓоковиќ кој во малото финале го совлада Американецот Џејмс Блејк со 6:3, 7:6.
Мажи, финале, поединечно: Надал (Шпанија) - Гонзалез (Чиле) 6:3, 7:6, 6:3.
Мажи, за трето место, поединечно: Ѓоковиќ (Србија) - Блејк (САД) 6:3, 7:6. |