Допингувана бранителката на титулата Халкија од Грција
Бранителката на олимпиското злато на 400 м со пречки Фани Халкија од Грција падна на допинг-тестот, потврдија двајца претставници на Грчкиот олимписки комитет само неколку часа пред таа да го почне натпреварувањето во Пекинг. Тестот бил направен на 10 август во Јапонија, каде што Халкија заедно со другите грчки атлетичари се подготвуваше за Игрите. Но, таа негира дека земала недозволени средства.
„Не можам да поверувам“, беше нејзината прва реакција. „Прво нешто што помислив да го направам е да ги предадам сите нутриционистички суплементи што ги консумирав, моите витамини, за тестирање“.
Халкија (29) беше сензационална победничка на 400 м со пречки на Олимписките игри 2004 во Атина, но потоа ретко се натпреваруваше. Нејзиниот случај потсети на скандалот на тие Игри со нејзините сонародници, спринтерите Костас Кентерис и Катерина Тану, кои го пропуштија допинг-тестот и се откажаа од настап, што навлече голем негативен публицитет. На Тану, која на ОИ 2000 во Сиднеј го освои сребрениот медал на 100 м, и' беше забрането да учествува во Пекинг поради својата вмешаност во атинскиот скандал, соопшти ИОК пред Олимпијадата во Кина.
Долгата листа на „позитивни“ грчки спортисти во последните неколку месеци вклучува и 11 кревачи на товар и по еден пливач и веслач. |