Федерер: Ова е како сон
Заедно со Вавринка во финалето ја поразија шведската комбинација Аспелин/Т. Јохансон
Откако испадна во поединечна конкуренција, Роже Федерер, сепак, успеа да се закити со златен олимписки медал, но во игра на двојки. Заедно со сонародникот Станислас Вавринка ја поразија шведската комбинација Симон Аспелин и Томас Јохансон со 6:3, 6:4, 6:7, 6:3. Па, иако денеска ќе му го препушти првото место на АТП листата на Надал, Федерер е пресреќен од успешното партнерство со Вавринка во Пекинг.
„Ова е како сон. Поинаку е од се' што сум минал и доживеал досега. Во поединечна конкуренција сум сам на теренот, ќе победам ќе седнам. Задоволство е да се подели радоста со некој што ми е многу драг, со некој со кој минав две извонредни недели“, рече Федерер и продолжи:
„На Олимписките игри не можат да се освојат многу медали со својата земја во тенис, една можеби две. Затоа овој медал е посебен за мене, токму затоа што е остварена за Швајцарија. Ова не може да се спореди со ниту еден Гренд слем што сум го освоил“.
Федерер, еднаш веќе, беше блиску до олимписки медал и тоа на Игрите во Сиднеј во 2000 година. Тогаш беше елиминиран во полуфиналето и играше за бронзениот меч, но загуби од Французинот Арно ди Паскал. Оваа година допатува во Пекинг со намера да го освои златниот медал меѓутоа беше поразен уште во четвртфиналето од Американецот Џејмс Блејк.
Бронзата во двојки заврши кај Американците Боб и Мајк Брајан кои триумфраа над Французите Арно Клемен и Мишел Љодра со 3:6, 6:3, 6:4.
Мажи, финале, двојки: Федерер/Вавринка (Швајцарија) - Аспелин/Т. Јохансон (Шведска) 6:3, 6:4, 6:7, 6:3.
Мажи, за трето место, двојки: Б. Брајан/М. Брајан (САД) - Клемен/Љодра (Франција) 3:6, 6:3, 6:4. |