Ватерполо - Добра генералка пред ЕП
Македонските ватерполисти со победа и со реми против комбинираната селекција на Црна Гора ги завршија подготовките во Гевгелија за претстојното 28. Европско првенство во Шпанија, кое ќе се одржи од 4 до 13 јули во Малага. Во првиот натпревар против тимот составен од четири играчи што настапија во Светската лига и со ватерполисти на возраст од 22-23 години Македонија славеше со 15:11 (5:5, 6:1, 3:3, 1:2), реваншот во базенот "Фатаморгана" заврши нерешено 7:7 (2:1, 0:2, 1:3, 4:1). Вуксановиќ и Милиќ со по два гола беа најефикасни во македонскиот состав во втората контролка со популарните "црвени ајкули", а по еден погодок постигнаа Мичиќ, Крстиќ и Петровиќ.
Избраниците на селекторот Мечкиќ за Шпанија заминуваат на 2 јули, а во своето деби на европските шампионати в петок од 11 ч. во рамките на групата Б за противник ќе ја имаат Романија. В сабота од 9,30 ч. е дуелот со европскиот првак Србија, в недела во истиот термин со Русија, наредниот ден од 12,30 ч. со Италија и ден потоа од 11 ч. со Германија. Групата А ја сочинуваат Унгарија, Шпанија, Грција, Хрватска, Словачка и Црна Гора. (Р.Д.) |