Стоунер најбрз во холандски Асен
Педроса со второто место го презеде водството во вкупниот поредок од Роси, кој беше 11.
Кејси Стоунер победи во класата Мото ГП во трката за Големата награда на Холандија и му се доближи на 29 поени на довчерашниот лидер во вкупниот поредок Валентино Роси, кој заврши на разочарувачкото 11. место. Втората половина од Светскиот шампионат во Мото ГП ќе почне со Дани Педроса на чело на табелата, благодарејќи на неговото второ место во Асен, со кое го престигна Италијанецот за четири поени.
Роси ја почна трката со предност од 11 поени во однос на Шпанецот, но падна во првиот круг, а Стоунер, кој имаше 45 поени помалку од возачот на Јамаха, на крајот се радуваше на својата втора победа за помалку од една седмица, вкупно трета сезонава. Австралиецот тргна од пол-позицијата, во воведниот круг накратко му го предаде водството на Педроса пред да го престигне на крајот од кругот, по што „одмаршира“ до победата со големи 11,3 секунди разлика во однос на Педроса. Третото место го освои Колин Едвардс.
Педроса води со 171 поени во генералниот пласман во најсилната мотоциклистичка класа, Роси е втор со 167, а Стоунер трет со 142.
Шпанецот Алваро Баутиста триумфира во класата до 250 кубни сантиметри, пред Томас Лути од Швајцарија, а трет заврши Италијанецот Марко Симончели, кој му се приближи на само еден поен на водечкиот севкупно Мика Калио. Финецот има 140 поени, Симончели 139, а третопласираниот Шпанец Алекс Дебон 114.
Унгарецот Габор Талмаши беше најдобар во класата до 125 ксм, која поради силниот дожд беше прекината по пет извозени круга. Второто место му припадна на Хоан Оливе од Шпанија, а третото на Симоне Корзи од Италија. Французинот Мајк ди Мелјо го задржа водството во генералниот пласман со 141 поен, Корзи остана втор со 125, а Оливе се проби на третото место со 94 поени. |