Работнички Ф. против Ротердам, Форца Волеј со руска Ленингратка
Македонскиот машки одбојкарски првак, Работнички Фершпед, за противник во шеснаесет-финалето во ЦЕВ купот го доби составот на Ротердам. "Шпедитерите" се домаќини во првиот меч (4/5/6 ноември), реваншот е седум дена подоцна во Холандија. Подобриот од овој двомеч во осминафиналето ќе се сретне со победникот од германско-грчката пресметка меѓу Берлин и Ламиа.
Во ждрепката за новата сезона во европските одбојкарски купови по подолго време учествуваше и една женска екипа од Македонија. Носителот на двојната круна во домашната сцена, Форца Волеј, аплицираше за настап во Европа, но поради слабиот рејтинг на нашата женска одбојка мораше да чека вајлд карта. Па, откако ја доби беше вклучена во натпреварите во Челинџ купот во кој ќе биде слободна во првото коло, додека во второто ќе се сретне со екипата на Ленинградка од Санкт Петерсбург. Првиот меч се игра во Скопје (4/5/6 ноември), а возвратниот дуел е по седум дена во Русија. (С.Д.) |