Македонија блиску до контролка со Португалија предводена од Роналдо
Последниот збор ќе го каже утре Жилберто Мадаљ, претседателот на Португалската федерација
Емил Китановски
Првиот човек на португалскиот фудбал Жилберто Мадаљ утре во Виена треба да ја соопшти дефинитивната одлука дали неговиот национален тим во августовскиот слободен термин на европската фудбалска асоцијација (УЕФА) ќе одигра контролна средба со избраниците на селекторот Среќко Катанец, неофицијално дознава „Утрински весник“. Начелно, постојат големи шанси да се реализира оваа средба, а единствената пречка како што дознаваме, може да биде евентуална сериозна понуда од некој поатрактивен противник, каква, до почетокот на викендот во фудбалската федерација на оваа земја, според нашите информации не беше пристигната.
Евентуалниот дуел би се одиграл на југот на Португалија, значи не во некој од поголемите градови на оваа земја, а Мадаљ потврди дека тимот на Португалија сигурно ќе го предводи првата ѕвезда, Кристијано Роналдо. Информацијата вчера ја објави и еден португалски медиум, кој се повика на блиски извори со претседателот на фудбалската федерација на Португалија. Сепак, за челниците на ФФМ, се' уште се отворени и понудите упатени на Словачка и Швајцарија, како најинтересни за одигрување на контролен меч во августовскиот слободен термин.
Инаку, од штотуку завршениот европски шампионат во Австрија и Швајцарија, вчера пристигна и веста дека за поголемиот дел од членките на оваа фудбалска асоцијација е прифатлив предлогот на следниот европски фудбалски самит наместо досегашните 16 да учествуваат 24 репрезентации. Ваквата идеја, доби огромна поддршка на состанокот во Виена на кој учествуваа претседателите на фудбалските федерации од Стариот континент. Последниот предлог на челниците на федерациите ќе чека потврда или одбивање на состанокот на Извршниот комитет на УЕФА кој ќе се одржи во октомври во францускиот град Бордо.
На оваа официјална средба на првите луѓе на европскиот фудбал, на која високи оценки за комплетната организација на ЕП добија и кооранизаторите на првенството фудбалските федерации на Австрија и Швајцарија, уште еднаш беше истакната и поддржана идејата за комплетна самостојност и автономност на оваа спортска асоцијација од правните рамки на Европската унија. Оваа одлука беше прифатена и во официјалниот документ кој произлезе од состанокот, а уследи откако во последно време уште неколку фудбалски федерации се соочија со политички притисок од Владите во матичните држави. |