Во канџите на дефлацијата
Доколку потрае оваа појава, тоа ќе значи затворање фирми и зголемување на бројот на невработени
Александрија Стевковска
Македонија веќе половина година длабоко загази во дефлација, која доколку продолжи може да биде погубна и за стопанството и за граѓаните. Според експертите, земјава досега во голема мера не ги почувствувала последиците од оваа економски погубна појава, но веќе се наоѓа на граница, која доколку се помине ќе значи затворање на фирми, зголемување на бројот на невработени и запаѓање во подлабока рецесија. Подолготрајната дефлација е сигурен знак дека економијата тоне.
„Дефлацијата што трае една година е предолг период за сериозно да се сфатат вистинските нејзини последици, поради што не треба да се чека толку долго да се преземат мерки за нејзино контролирање. Значи, шестмесечната дефлација веќе е аларм дека во најкусо време треба нешто да се направи, за да се излезе од канџите на оваа негативна појава. Единствено што може сега да се направи е да се најде облик за стимулирање на потрошувачката, што би значело надминување на дефлацијата“, препорачува професорот на Американ колеџ, Томе Неновски.
Според него, дефлацијата е многу пострашна од инфлацијата.
„Дефлацијата во подолг период упатува на недоволна ликвидност, односно недоволно пари во оптек, што е директен израз на стегнување на финансиската политика, без оглед дали станува збор за монетарната или, пак, за фискалната. За стопанството тоа е многу непријатно, бидејќи намалувањето на цените на производите ќе значи помали приходи кои, пак, ќе влијаат врз стегањето на нивното производство. Намаленото производство ќе значи намалување на платите и отпуштање на вработени, што негативно ќе се рефлектира и врз граѓаните, бидејќи цените паѓаат, но се намалуваат и нивните приходи“, објаснува Неновски.
Подолготрајната дефлација има негативни реперкусии и врз буџетот.
„Намалените цени ќе значат и помала основица за даноци што, пак, ќе значи помали приходи во буџетот. Тоа значи дека оваа појава во глобала дејствува како систем на врзани садови и е негативна, бидејќи е израз на политика на стегање и не дава никакви развојни елементи“, смета Неновски.
Дефлацијата е состојба во економијата кога расположливите количества пари се помали од понуденото количество стоки и услуги. Поради тоа, доаѓа до намалување на општото ниво на цените. Во тој случај, со истата плата може да се купат поголем број исти производи во однос на претходно. За потрошувачите на почеток тоа е поповолна варијанта отколку инфлацијата, меѓутоа, за производителите дефлацијата може да биде погубна, затоа што таа ги намалува нивните приходи. На тој начин се отвора рецесионо движење и задушување на економскиот развој на една национална економија, што се одразува врз граѓаните.
Доколку се избира меѓу две зла, се смета дека умерената инфлација е подобра и може да го стимулира економскиот развој. Дефлацијата задолжително води кон рецесија, бидејќи не се продаваат стоките и услугите или се продаваат по пониски цени за да не дојде до загуби. Затоа се отпуштаат и работници, што дополнително води кон натамошна дефлација. Од овие причини дефлацијата е неколкупати потешка од состојбата на инфлација.
Според експертите, земјите не треба долгорочно да водат рестриктивна макроекономска политика, особено монетарната политика, поради држењето под контрола на инфлацијата, бидејќи во такви услови стопанството задолжително оди во правец на рецесија, што води до дефлација. Експертите препорачуваат последиците од дефлацијата заедно со рецесијата да се намалат со зголемување на побарувачката по пат на поблага кредитна политика и преку дополнителни инвестиции, со цел да се зголеми побарувачката, а потоа и понудата. Од длабочината на дефлацијата зависи колку бргу земјата ќе се извлече од рецесијата. Виновна за континуираниот пад на цените во индустријата е светската економска криза што ја урна побарувачката.
Оптимизам влева благата стабилизација на глобалниот пазар, бидејќи се намалени големите осцилации на цените на репроматеријалите, нафтата почна да расте, што е сигнал дека економската активност се подобрува, а и побарувачката делумно е живната. Се оценува дека дополнителен импулс на зголемување на потрошувачката се и новогодишните празници, кои се пред нас, кога вообичаено граѓаните ги фаќа потрошувачка треска.
|