02.12.2009, 18:09 Лажниот софтвер крие вируси и злонамерни програми
Во Македонија, како што се посочува, веќе се нуди пиратска верзија на „Виндоус 7“, предупредуваат од „Мајкрософт“
Користењето фалсификуван софтвер им носи на корисниците големи ризици во вид на вируси и злонамерни компјутерски програми, кои бараат време и пари за да се отстранат, покажуваат резултатите од едно истражување што го посочува „Мајкрософт“ спроти годинашниот „Ден за акција посветен на корисниците“. Неодамнешно истражување направено од „Харисон груп“ покажува дека компании што користеле фалсификуван софтвер во 73 отсто се соочиле со можно губење осетливи податоци, а 43 отсто имале прекин на работата што траел повеќе од 24 часа.
Во акцијата учествуваат 70 земји од светот, објави „Мајкрософт“. Целта е да се истакнат едукативните иницијативи и локалните активности да заштитат корисниците и да се зголеми свесноста за ризиците што ги носи нелегалниот софтвер. „Мајкрософт“ ги објави извештаите во кои доброволно учествувале повеќе од 150.000 корисници кои без да знаат купиле лажен софтвер што криел во себе вируси и злонамерни софтвери. Во Македонија има 20 пријави, при што може да се види во детали кој, кога и како го купил софтверот мислејќи дека купува оригинален.
„Она што го прави ’Мајкрософт‘ за намалување на процентот на пиратерија е содржано во три сегменти: едукација на крајни корисници, употреба на технологии со повисок степен на заштита и помош на релевантни институции за спроведување на законот за авторски и за сродни права“, вели директорот на „Мајкрософт Македонија“, Илијанчо Гаговски. На Интернет-страницата www.howtotell.com корисниците можат да погледнат што содржи еден пакет на оригинален софтвер и како да го препознаат при купување на компјутер. Во Македонија, како што се посочува, веќе се нуди пиратска верзија на „Виндоус 7“, предупредуваат од „Мајкрософт“, при што додаваат дека се во комуникација со Секторот за компјутерски криминал во МВР за отстранување на овие случаи. (Ек.Р.) |