06.04.2012, 17:21 Ахмети и Орав со решение за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната средба со амбасдорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, ја потврдија стратегиската цел дека Европската унија останува врвен приоритет на ДУИ, но и за Владата на Македонија. Ахмети во разговорите со Орав ја поздравил готовноста на ЕУ за започнување супстанцијален дијалог со Брисел, при што не се губи воопшто време во реализација на реформите и исполнување на потребните критериуми за зачленување на земјава во Унијата.
Овој значаен чекор на ЕУ треба да послужи како модел и во зачленувањето на Македонија во НАТО со привремено решение за надминување на разликите што ќе послужи како охрабрувачки момент за да останеме во процесот. Зачленувањето на Македонија во НАТО може да започне со формална покана да станеме дел од Алијансата кој натаму ќе продолжи со ратификација на Протоколот за членство од страна на парламентите на земјите-членки на НАТО се' до конечно решавање на спорот со името.
Овој начин на решавање е потпомогнат и од фактот дека нема потреба од свикување самит за членство на Македонија во НАТО и дека оваа одлука може да се донесе во секое време од Северноатлантскиот совет.
Амбасадорот Орав нагласил дека интерес на ЕУ е кандидатите да станат полноправни членки на Унијата и дека негова работа е Македонија да добие датум за започнување на преговорите колку што е можно порано. Тој притоа изјавил дека ќе работи со сите страни за да ја постигне целта затоа што Македонија е држава која им припаѓа на сите. (П.Р.) |