05.04.2012, 17:02 Драгана Мирковиќ донираше 5.000 евра на фондацијата „Тоше Проески“
Фолк-пејачката и сопственичка на ДМ сат, Драгана Мирковиќ, и нејзиниот сопруг Тони Биелиќ и' донираа 5.000 евра на Интернационалната фондација „Тоше Проески“. Велат дека на тој начин сакале да дадат придонес за хуманитарниот фонд што го носи името на нашиот пејач, но и да потсетат на ликот и делото на прерано починатата пејачка ѕвезда. Мирковиќ и нејзиниот сопруг отпорано размислувале за овој потег, а идејата ја оствариле неодамна, во рамки на една од емисиите на нивната телевизија ДМ сат, каде што му ја врачиле донацијата на Христо Христоски, роднина на Тоше.
„Тоше беше голем пејач и секое сеќавање на него во мене буди огромна тага. На овој начин сакав да го освежиме сеќавањето на него и на она што го остави во музиката. Фондацијата им помага на децата и се надевам дека парите ќе отидат во вистински раце. Во ДМ сат се трудиме да не заборавиме на луѓето кои повеќе ги нема, а кои оставија голема трага во музиката, како што е Силвана Арменулиќ, Тома Здравковиќ и други. Исто така, секогаш кога ги емитуваме спотовите на Тоше Проески, покрај неговото име и името на песната, стои ’Да се зачува од заборав‘“, изјави Драгана Мирковиќ.
Донацијата ја потврдија и од Фондацијата „Тоше Проески“, кои најавија повеќе детали на скорешна средба со новинарите. |