07.04.2012, 15:46 Бериша се надева на решение за Македонија во Чикаго
Заглавувањето на евроатланскиот процес за Македонија би значело по повторно активирање на радикализмот и национализмот, а тоа не е воопшто потребно во овој момент, оцени албанскиот премиер Сали Бериша
Во интервјуто за државната Турска Радио Телевизија – ТРТ, по повод сто годишнината од одбележувањето на независноста на Албанија, Бериша се осврна и на прашањето за блокадата од Грција за Македонија за членството во НАТО. Бериша одговори дека постојат проблеми помеѓу двете земји поради името на Македонија и е многу значајно ова прашање да се реши.
„Според мене, потребно е да се изнајде усогласување по однос на барањата за промена на името и новите имиња. И двете страни треба да направат отстапки и да се усогласат на некој начин. Името на Македонија во меѓународната заедница е ФИРОМ, но стотици години овој регион се нарекувал Македонија. Се бара да не се нарекува Македонија, но секако ова води кон заглавување на состојбите. И двете страни можат да го носат називот Македонија. Се надевам дека на самитот на НАТО во Чикаго ќе се изнајде конечно решение на ова прашање“, рече албанскиот премиер Бериша.
Оценувајќи го најновиот договор помеѓу Косово и Србија како многу значаен, албанскиот премиер изрази надеж дека и двете страни ќе се придржуваат кон договорот. Напоменувајќи дека и во Македонија може да има затегнатост, тој истакна дека овие земји се многу значајни за стабилноста и мирот на регионот.
„Македонија е земја која ќе заблеска во регионот. Македонскиот народ и другите националности формираат една многуетничка заедница и се надеваме дека таа ќе продолжи да живее“, подвлече Сали Бериша, укажувајќи на проблемот со Грција кого го нарече „сериозен“, поради попречувањето на членството на Македонија во НАТО.
|