Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Онлајн Вести
02.04.2012, 17:04

Како експлодираше „Детонаторот“ во Кочани

Високи полициски функционери објаснуваат како е откриена криминалната група која сеела страв и трепет во Источна Македонија

Кочани е под полициска опсада од Скопје откако викендов дваесетина лица беа приведени поради стравот и насилството кое го сееле во источниот дел на земјава. Се проверува документацијата, се вршат разговори со сите што имаат сознанија за теророт што се случувал во градот речиси една година, се прибираат дополнителни докази и сознанија за рекетот, насилството и изнудата што била вршена.

По повеќемесечни следења и јавувања од инсајдери за криминалот што се случува во градот, полициската акција „Детонатор“ експлодира за време на маскенбалската вечер во градот. Токму вечерта под маски била искористена за да се спроведе акцијата со цел да се прикрие зголеменото присуство на полицијата во градот. Групата била добро информирана за се', го следела секој чекор на полицијата, поради што било тешко да се допре до неа. Логистиката што ја добивале од полицајци, вработени во јавната администрација, судовит��, приватни фирми и моќници само им помогнало да ја зацврстат и прошират својата криминална мрежа. Некои од уапсените се блиски луѓе на актуелни и на поранешни политичари, пратеници во Собранието, потврдуваат од полицијата.

Групата сеела страв низ градот од мај минатата година, иако постоела и претходно, но не била толку моќна. Најголем дел од приведените завршија во притвор, но полициската истрага не запира. Високи функционери на МВР најавуваат дека ќе се истражува кои службени лица им помагале на криминалците од Кочани и од Виница, кои извршиле над стотина кривични дела, заработиле милионски суми продавајќи дрога, заплашувале со рекет, тепале, подметнувале бомби, демолирање кафулиња и фалсификувале пари...

Кои институции потфрлиле и кој и' помогнал на групата да стане толку моќна и заштитена е само една од дилемите што се наметнуваат во јавноста по обемната акција во Кочани. Дека станува збор за добро организиран систем, во кој секој имал своја задача, покажуваа и досегашните сознанија на МВР.

Според нив, криминалот зел замав во мај 2011 година, кога на групата и' се приклучиле тројца повратници од САД, од Австралија и од Германија. Гастарбајтерите ги примениле искуствата стекнати во странство во Кочанско-виничкиот регион. Најпрво била формирана агенција за обезбедување, која за надомест од 1.500 до 3.000 денари месечно им нудела услуги на сите локали и фирми во Кочани и во Виница. Тие што ќе одбиеле, плаќале „пенали“. Насилниците им ги палеле возилата, им ги кршеле излозите, им се заканувале се' додека не ја прифателе услугата. Оделе дотаму што инсценирале и тепачки и ги демолирале локалите за да ги натераат сопствениците да ги користат нивните услуги. Но, не запреле тука. Потоа одлучиле да влезат и во бизнисот со кабелски оператори, а отвориле и дискотеки во кои продавале дрога.

Бизнисот потоа почнале да го шират и во другите градови – Крива Паланка, Македонска Каменица и други места.

Почнале да се занимаваат и со лихварство, краделе во викендички, а влегле и во бизнисот со игри на среќа. Полицијата има сознанија дека растурале и фалсификувани евра што ги набавувале од Бугарија.

За криминалот што се случувал преплашените граѓани или пријавувале во полиција, но нивните жалбите не стигнувале до вистинското место, или се плашеле од последиците, па се одлучиле да молчат или постојано ги менувале исказите.

Според кривичната пријава на МВР, шестмина од осомничените се товарат дека се организатори на криминална група на која подоцна и' се приклучиле и другите десетмина. Постојат сериозни индиции дека двајца од групата се одговорни и за обид за убиство, односно дека се инволвирани во поставувањето експлозивни направи под возило „сеат леон“, но и во канта за отпадоци, на булеварот АВНОЈ во Скопје. Нивна цел бил сопственикот на возилото, инаку жител на Кочани, а со кого групата била во непријателски односи. Првиот случај завршил така што оштетениот ја забележал експлозивната направа, но во вториот случај беше повреден кога бомбата била активирана од далечина.

Истрагата во Кочани продолжува. Инспектори од главниот град ќе останат во регионот се' додека не се комплетираат сите сознанија за криминалната група. МВР вчера ги повика граѓаните на Кочани и на Виница да пријават случаи на насилство и кривични дела, а доколку се плашат од некого да го сторат тоа во тамошните полициски станици, да го направат тоа во СВР - Скопје. (Д.Т.)

Притвор за 14 лица од „Детонатор“

Сите 14 лица кои беа приведени во акцијата наречена „Детонатор“ завршија во притвор. Петмина од осомничените завршија во затворот „Скопје“, исто толку се во прилепскиот, а четворица се во затворот во Битола.

Мерка притвор во траење од 30 дена е изречена и за уште две лица кои сега се во бегство и таа ќе биде активирана оној момент кога ќе им бидат достапни на органите на прогонот.

„Точно е дека судот одреди притвор за сите осомничени за повеќе кривични дела. Најголем број од осомничените се со двојно државјанство, односно освен македонско, имаат и бугарско државјанство“, потврдуваат од Канцеларијата за односи со јавноста на Основен суд Скопје1 - Скопје.

Како што неофицијално се дознава, без малку сите осомничени го искористиле правото да се бранат со молчење, но, според истите сознанија, една од причините за одредувањето на притворот лежи и во фактот дека некои од нив поседувале и сопствен имот во соседна Бугарија, што може да значи дека доколку останеле на слобода, лесно можело да се случи да ја напуштат државава. (Љ.С.)


Статијата е прочитана 8842 пати.

Испрати коментар



Четворица повредени во две тепачки
„Затвори уста и не пискај“
Апелацискиот суд ќе се произнесе за Бошкоски
На Табановце спречен шверц на 450 желки



kole, 02.04.2012 17:50:56
Сето ова е одраз на нивото на развој на нашето државче................во секој случај тоа се прави со амин на власта................Ех, каде си Тито???? Само ти знаеше да се справиш со вија неранимајковци !!!
mikimaus, 02.04.2012 19:18:10
A zosto ne gi napisete so ime i prezime tie sto se vo vlasta- pratenici i nivni bliski,tuku samo se spomenuvaat.a i licata im gi zakrivaat.Pa neka gi apsat kako Ljube na zemja!
девичанецот, 02.04.2012 22:50:16
Можеби со амин на власта, ама секако и со амин на родителите и нивните блиски. Само да се потсетиме какви изјави тие даваа пред телевизијата вечерта, кога нивните најблиски беа приведени!
Kade e SDSM da protestira?, 03.04.2012 00:36:56
Kade e sega SDSM da protestira deka ova e pritisok na vlasta vrz pratenici?! Uapsen e soprug na segasna pratenicka na VMRO i brat na eden bivs pratenik koj vazi za mnogu mokjen VMRO-vec vo Istocna Makedonija! Offf Fala Bogu sto ne se od SDSM ili od klanot Canoski ke bevme podueni od glupavi presovi, akcii od tipot Jas sum A1, ke go vikavme Fule da otvara dijalozi za demokratija, Iva i Borjan ke odea na trkalezna masa vo Brisel da debatiraat so Kacin i Shaci.. Edno nesto e sigurno-za 11 godini na vlast SDSM ne uspea da uapsi ni edna gnida od svoite redovi, VMRO toa go pravi pa makar i retko. A vakvi ima i kaj ednite i kaj drugite!

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 5°C

Делумно облачно

Среда
Локални грмотевици
Макс: 22°C, Мин: 7°C

Четврток
Локални грмотевици
Макс: 21°C, Мин: 8°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |