02.04.2012, 13:06 Пронајден учесникот во фаталната сообраќајка кај Липково
Едно лице загина во тешка сообраќајна несреќа што вчера се случила на регионалниот пат Куманово – село Липково, информира денеска Министерството за внатрешни работи.
Сообраќајката, помеѓу товарно моторно возило и патничко моторно возило „голф“, се случила на мостот на реката Липковка пред влезот на селото Опае, при што возачот на патничкото возило Орхан Ш.(37) од село Матејче го загуби животот. Лекар од Брза помош констатирал дека Орхан Ш. починал на местото на несреќата.
Полициските службеници откриле кој е возачот на товарното возило кој избегал од местото, по што ноќеска околу еден часот по полноќ, А.А.(23) од Куманово е пронајден и приведен во СВР Куманово, а товарното возило е пронајдено во селото Стрима.
Во тек е изготвување кривична пријава за сторени две кривични дела – „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќај“ и „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, по што возачот А.А. заедно со кривичната пријава ќе биде спроведен до надлежното Основното јавно обвинителство. |