02.04.2012, 18:01 Бивши министри и директори во трка за лидер на лекарите
Во битката за тронот на Лекарската комора ќе се борат најмалку десетмина лекари
Јасмина Јовановска
Во трката за лидер на лекарите во јавноста се вртат имињата на најмалку петмина лекари. Како можни кандидати за претседател на Лекарската комора се споменуваат ортопедот Анастасика Попоска, инаку мајка на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, двајца бивши министри за здравство, епидемиологот Драган Даниловски и супспецијалистот за уво, нос и грло Ѓорѓи Оровчанец, потоа микробиологот Никола Пановски, ексдиректор на Фондот за здравствено осигурување, и д-р Игор Николов, брат на директорот на ЈСП „Скопје“, Мишо Николов.
В четврток ќе се формираат и новите општински одбори на Комората, кои ќе може да дадат и свои кандидати. Па, не се исклучува во битката за тронот на комората да се борат најмалку десетмина лекари. Меѓу нив може да се најдат и лекари кои работат во Фондот за здравство, а веќе се на предлог-листите за членови на општинските одбори на Комората.
Дали политиката ќе се замеша и во изборот на прв човек на Лекарската комора? Повеќето лекари се на мислење дека никогаш досега не се чувствувало толку големо влијание на политиката како што е при овој избор. Посебно што новите законски измени за делот на коморското работење предвидуваат претседател на Комората да биде само вработен лекар, а не и пензионер. Со тоа се стеснува и изборот од поискусни лекари.
Иако лекарите од клиниките навиваат за микробиологот Никола Пановски, тој тврди дека нема да се кандидира. „Нема да се кандидирам за прв човек на Лекарска комора од повеќе причини, меѓу кои и тоа што не сакам пак да влегувам во нешто што ќе има реперкусии врз бизнисот на сопругата. Од таквите релации излегов пред четири години“, ни изјави Пановски, кој е кандидат и за еден од тројцата членови на Собранието, а според статусот на Комората, ако е дел од Собранието, не може да биде и кандидат за претседател.
За д-р Пановски е жално што оваа година, барем засега, Медицинскиот факултет не се изјаснил дека ќе даде поддршка на еден лекар, како што беше сторено на претходните претседателски избори кога беше избран актуелниот претседател д-р Владимир Борозанов. „Се исфрлаат повеќе имиња, но засега не е решено дали поддршка ќе се даде на еден лекар. Медицинскиот факултет како да се плаши да се изјасни за еден кандидат или чека некој друг во негово име да одбере за кого да го даде гласот“, појасни Пановски.
Д-р Ѓорѓи Оровчанец, кој е меѓу петтемина можни кандидати, смета дека политиката премногу е влезена во сите пори на здравството, а на тоа не е имуна ни Комората. Тој не се гледа во функцијата претседател на Лекарската комора, но не негира дека ако го предложат, ќе прифати. „Секогаш сум на страната на лекарите“, вели Оровчанец.
До Лекарската комора, како што ни рекоа од оваа организација, до вчера официјално не е стасана кандидатура од ниту еден лекар чие име се врти во јавноста. Неделава треба да финишираат изборите по општинските одбори, по што се можни и нови кандидатури за претседател на еснафот во наредите четири години, појаснија од Комората. Целиот процес треба да заврши до крајот на април или почетокот на мај, кога треба да се одржат главните избори за претседател. |