07.04.2012, 15:29 Русија разместува ракети кај Калининград
Рускиот весник „Известија“ соопшти дека руската армија почнала да разместува стратегиски противракетни системи С-400 во Калининград - руска енклава меѓу Полска и Литванија, пренесоа американските медиуми.
Весникот цитира неименуван воен претставник, кој посочил дека ракетите пристигнале вчера, без да прецизира колку се.
Министерството за одбрана одби да даде коментар, посочуваат агенциите.
Зенитно-ракетниот комплекс С-400 „Триумф“ е наменет за заштита на западните граници на Русија од напади од воздух и од вселената, посочил изворот.
Тие се користат за борба со средства за воздушен напад, како тактички и балистички ракети, летачки апарати, вклучувајќи ја и технологијата „Стелт“.
С-400 можат да откриваат воздушни објекти, што летаат со брзина од 4,8 километри во секунда, на растојание до 600 километри.
Соопштението за расместување на противракетниот систем во Калининград доаѓа во момент на покачена напрегнатост меѓу САД и Русија во врска со планот на Вашингтон за противракетниот систем во Европа, што Москва го смета за закана.
Противракетните системи С-400 веќе ги има околу Москва, а подоцна годинава се очекува да бидат разместени и на Далечниот исток.
|