04.04.2012, 12:40 Иднината на Македонија и Албанија е во европското семејство
Ова по денешната средба го оценија претседателите на македонскиот и на албанскиот парламент, Трајко Вељаноски и Јозефина Топали
Македонија и Албанија се две пријателски држави, а меѓусебните осноси се на високо ниво. Македонија во Албанија има поддржувач на аспирациите за членство во НАТО, а двете земји меѓусебно треба да соработуваат, да си помагаат за што поскоро вклучување во европското семејство, оценија по денешната средба претседателите на македонскиот и на албанскиот парламент Трајко Вељаноски и Јозефина Топали.
- Во Албанија имаме уште еден пријател во НАТО и секогаш од неа ја добиваме поддршката за нашето зачленување во Алијансата. Заеднички имаме еден пат за интегрирање и на Македонија и на Албанија во европското семејство и убедени сме дека брзо ќе дојде денот кога ќе бидеме негови членки. Иднината и на Македонија и на Албанија е во Европската унија, рече Вељаноски.
Неговата албанска колешка Топали смета дека двете држави во минатото никогаш немале посреќен ��аеднички проект од членството во ЕУ и НАТО и оти заедно градејќи доверба и добри меѓучовечки односи треба да работат во интерес на граѓаните.
Претседателката на Парламентот на Албанија се надева дека Македонија ќе добие позитивни сигнали на НАТО самитот во Чикаго, затоа што, како што рече, тоа го заслужува.
- Албанија е силен поддржувач на членството на Македонија во НАТО. Притоа сакам да ги повторам зборовите на нашиот премиер Сали Бериша кој рече дека Македонија формално не е членка на НАТО, но оти со она што го има направено, со сите реформи и ангажман таа веќе е тоа, истакна Топали.
Вељаноски и Топали разговарале за интензивирање на парламентарната и на економската соработка, а станало збор и за меѓуетничките односи.
- Разговаравме и на други теми и се согласивме дека сите прашања што се појавуваат во текот на секојдневниот живот во двете држави е добро што се решаваат институционално и на брз и ефикасен начин, рече Вељаноски.
Топали се согласува со неговиот став и додаде дека од исклучителна важност и единствен одговор на насилството или на одреден инцидент да се реагира брзо, соодветно и на институционален начин.
Претседателката на албанскиот Праламент денеска треба да се сртетне и со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.
|