04.04.2012, 16:23 Таксистите ја блокираа „Илинденска“
Асоцијацијата на легални такси-превозници бара отстранување на дивите таксисти, утврдување единствена тарифа и неселективност на инспекторите
Бојан Шашевски
Преку петстотини таксисти од десеттина такси-компании вчера со своите возила го блокираа булеварот „Илинден“ од Влада до Зоолошка. Протестот имаше за цел да ги потсети градските власти на одговорноста за спроведување на Одлуката за автотакси-превоз.
Незадоволните возачи од Асоцијацијата на легални такси-превозници од компаниите „Глобус“, „Наше такси“, „Ин“, „Глобал“, „Сонце“, „Сити такси“ и други, бараат отстранување на дивите таксисти, поставување такси-станици на фреквентни места, утврдување единствена тарифа, како и редовност и неселективност на надлежните инспектори. Сметаат дека, и покрај нивните барања, се' уште не се спроведуваат потребните контроли и казни, а инспекторите единствено реагираат кога таксистите ќе се заканат со протест или блокада. Од градските власти до петок бараат писмен одговор со рокови и конкретни решенија кога ќе бидат исполнети нивните барања, во спротивно, од понеделник најавуваат нова блокада на бараките на Град Скопје.
„Бидејќи на сите наши барања досега добивавме само усмени ветувања дека сериозно ќе бидат разгледани и донесени решенија, а веќе сме уморни да веруваме на празни ветувања, бараме писмен одговор со наведени рокови и конкретни решенија кога ќе бидат исполнети нашите барања засновани на закон и одлуки на Град Скопје“, изјави Оливер Никушев од Асоцијацијата на легални такси-превозници.
Тој додаде дека за дел до барањата им било ветено дека до 13 април ќе била формира мешовита комисија со нивни претставници и луѓе од градот, но до вчера немало никаков одговор ниту покана за такво нешто. Дел од насобраните таксисти сметаат дека веќе е крајно време да почне да важи само еден закон за сите скопски таксисти.
„Доста ни е веќе од таа селективност на инспекторите. Доста не' бркаат од ударните места каде што редовно работевме. Што не одат да бараат лиценци околу Бит-пазар? Сигурен сум дека за еден час ќе наидат на преку 100 нелегални возачи. Контроли треба да се прават еднакво на целата градска територија, во ударни термини и за викенди и за празници! Доста од кампањските акции за нашите проблеми, само кога ќе ги ’подбоцнеме’ и кога ќе најавиме протест“, вели таксист од компанијата „Наше такси“.
Негов колега од „Сити такси“, пак, се пожали дека дивите таксисти постојано демнат по улиците, а бидејќи тарифата е скапа, намалена е потребата од такси-превоз.
„Порано имавме по 1.000 до 1.200 повици во денот, а сега се јавуваат само по 200 или 300 граѓани. Тоа е катастрофа! Ако носиш некоја цена, ветуваш такси-постојки и контроли, тогаш треба и да ги реализираш. Не може Градот така да се однесува со нас“, вели таксистот.
Инаку, на вчерашниот протест не се приклучи Синдикатот на автотакси- превозници, бидејќи, како што рекоа од таму на последните два состанока со градоначалникот Коце Трајановски било договорено да се формираат комисии за решавање на прашањата со такси-постојките и со дивите таксисти.
Градоначалникот Коце Трајановски вчера ги повика таксистите на разговори за изнаоѓање решение за нивните барања.
„Можеме и денеска да разговараме, подготвени сме. На разговорите треба да бидат присутни сите такси-здруженија, бидејќи има поединци кои имаат различни интереси и погледи за решавање на проблемите“, изјави Трајановски, нагласувајќи дека заклучно со вчера се одземени 16 нелегални такси-возила, а поднесени се и околу 800 пријави. |