06.04.2012, 17:38 Кралев: Нема укинување на дисперзираните студии
Според министерот за образование и наука, Панче Кралев, станува збор за преместување на дел од дисперзираните студии во други места според локалните потреби
Министерот за образование и наука, Панче Кралев, вчера се огласи по информациите за мирување на дел од дисперзираните студии, негирајќи дека овие студии ќе се укинуваат. Тој појасни дека само станува збор за преместување на дел од нив во други места според локалните потреби.
„Не станува збор за укинување на студиите. Онаму каде што имало дисперзирани студии и се создадени одредени профили на образовани луѓе, одлучивме во тие градови да овозможиме друг вид студии. Тоа не значи дека студиите се укинуваат. Матичните факултети продолжуваат да си постојат, но во поголем број случаи се работи за разместување. Концептот дисперзирани студии нема да се укине, ниту некој град ќе остане без нив“, дециден е министерот Кралев.
Студиите, според него, ќе се разместуваат не поради слаб интерес, туку во функција на локалниот економски развој. Нивниот вид ќе биде усогласен со потребите на локалната заедница од одреден кадар.
„Интерес за дисперзираните студии во одредени градови постои. Основниот фактор за оваа одлука е намерата да се поддржи локалната економија преку овозможување различен вид студии во градовите во Македонија“, додаде Кралев.
Тој појасни дека за да функционираат дисперзираните студии треба да има најмалку 20-25 запишани студенти. Ако студент се запише на дисперзирани студии, кои поради неисполнет минимум не можат да почнат, ќе му се овозможи да студира на матичниот факултет. (П.Р.)
|