07.04.2012, 15:13 Коњановски: Винариите да ги исплатат лозарите
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски за време на денешната посета на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство со седиште во Битола, јавно порача винариите во државата да им ги исплатат сите побарувања на лозарите за предаденото грозје.
Според Коњановски, ваквата обврска произлегува од донесениот Закон за вино и истиот доследно ќе биде почитуван, за што има барања и поддршка од македонските лозари.
- Во текот на вчерашниот ден разговаравме со производители на грозје кои искажаа задоволство од владините мерки за развој на лозарството и затоа што во лозарските региони во последните два месеца исплатени се повеќе од 5 милиони евра, односно првиот пат 3,5 милиони евра, а вчера повеќе од 2 милиона евра - директна поддршка за лозарите. Апелирам до сите винарии согласно Законот за вино, до 30 април, кога истекува рокот, да ги исплатат сите побарувања на лозарите, а доколку тоа не го направат ќе се соочат со соодветни казни, ќе бидат избришани од регистерот и во иднина не ќе можат да вршат откуп на грозје, истакна Коњановски.
На средба со новинарите во Битола, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски посочи дека институциите во државата ќе ги употребат сите законски механизми за откривање и санкционирање на лицата кои манипулираат или манипулирале со апликациите за користење државни субвенции.
- Ќе ги употребиме сите механизми и инструменти парите за директна финансиска поддршка да завршат кај земјоделците, а не кај оние што манипулираат. Точно е дека имаше обиди некои земјоделци да пријават стока или земјоделски површини кои не ги поседуваат ниту ги обработуваат. На тие лица нема да им се исплатат субвенции, а во наредните три години нема да добијат финансиска поддршка. Ние ќе ги поддржуваме само вистинските земјоделци и нема да толерираме никакви злоупотреби, истакна Коњановски.
За време на денешната средба во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола, освен за програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се говореше и за факторите кои влијаат врз искористување на ИПАРД програмите.
|