06.04.2012, 18:11 Мислења
Обединување за победа
Ѓорѓи Спасов
Од кога е нелегитимно на избори да се борите за освојување на власта, како што владејачките партии ја обвинуваат опозицијата
Сите политички партии кои на последните парламентарни избори останаа во опозиција веднаш по изборите станаa свесни за една работа. Станаа свесни за фактот дека граѓаните на Македонија на 5 јуни гласаа за промена на политиката на Никола Груевски. Тоа што Груевски остана на власт по пет години владеење беше резултат само на разединетета опозиција, на изборниот модел кој им дава предност на големите партии и на добиените три мандати од дијаспората на сомнителен начин.
Оттука лидерите на сите партии што останаа во опозиција сфатија дека покрај идеолошките разлики, имаат и еден многу значаен заеднички интерес. Тие имаат интерес да не дозволат гласовите на граѓаните дадени за нив да пропаѓаат. Тие имаат интерес мнозинската волја и на Македонците и на Албанците за промени, која стана јасна со гласањето на последните избори да ја претворат во реален однос на силите во парламентот со што ќе дојде до промена на власта. Имаат интерес да соработуваат меѓу себе за овој огромен број протестни гласови против политиката на Груевски да го претворат во програма која ќе ја артикулира смислата на тој политички протест.
Оттука ова обединување на опозицијата, кое би овозможило да бидат остварени наведените цели не е само интерес на СДСМ на ЛДП или на ДПА, туку и на сите партии и граѓани кои се сметаат за опозициони во однос на политиката на Груевски. Во медиумите се зборува за обединување, а не за поделби. Се зборува за засилување, за спротивставување, за договарање, за преговарање, за групирање и прегрупирање. Дури и критиките што доаѓаат од страна на партиите во власта на сметка на обединувањето на опозицијата мора да говорат за обединување и да завршат со некаква констатација дека „партиите на власт успеле да се обединат уште во 2006 година против сегашната опозиција“. Но, со тоа само потврдуваат дека тоа е добар и испробан метод за освојување на власта. Во тој вид критика се насетува стравот на власта. Се насетува дека сето она што таа го смета за невозможно во врска со обединувањето на опозицијата изгледа лесно остварливо, бидејќи таа веќе го направила тоа еднаш.
Што е тоа што на луѓето од власта им се чини невозможно?
Прво: Бранко, Љупчо и Жерновски тешко ќе се договореле за заеднички настап на изборите, бидејќи „идеолошки“ биле многу различни. Но, истото тоа важеше и за коалицијата на Груевски. Она што, сепак, ги спои Груевски, Ѕинго, Амди Бајрам, Бојо Андревски, Павле Трајанов, Борис Стојменов, Иван Стоиљковиќ и Лиле Поповска во една „Јамајка“ опозиција, може лесно да ги спои и партиите од сегашната опозиција. Главниот мотив за обединување тогаш беше желбата за освојување на власта која му овозможи на Груевски да ја спроведува преродбата. Сегашната опозиција ако сака нешто да промени во развојот на Македонија, тоа не ќе може да го направи без освојување на власта. Оттаму, критиките дека „опозицијата немала програма, туку само се борела за власт“ се целосно бесмислени.
Кога комунистите од Бугарската социјалистичка партија го обвинија Жељу Желев дека неговата коалиција нема програма, туку се бори за власт, тој само ги запраша: „А вие да не се борите случајно за освојување на купот на Црвената армија“. Од кога е нелегитимно на избори да се борите за освојување на власта.
Второ: било неможно или многу рано да излезат со заеднички листи македонски и албански партии. Разликите меѓу нив биле толку големи што тоа било невозможна мисија. А сите знаат дека и до сега лидерите на македонските и на албанските партии во Македонија, независно од тоа колку им се различни „идеалите“ одлично соработуваа на теренот во „додавањето“ на потребните гласови од својот етнички кампус за партиите што ги сметаат за свој политички сојузник. Кој, всушност, веруваше дека Груевски од 2006-2008 ќе коалицира со „војводата“ Тачи, а од 2008 ќе се најде во братската прегратка на „терористот“ Али Ахмети.
И, трето, можеби тоа ќе било можно ама било невозможно под капата на Црвенковски, на Љупчо Георгиевски, Мендух Тачи или Руфи Османи. На овие партии, велат загрижените луѓе од власта, им се потребни кадровски промени и освежувања, за народот да ги прифател како нови, реформирани и перспектив��и. Оваа „искрена“ загрженост на власта е малку сомнителна поради фактот што ако овие вака нереформирани освоија повеќе гласови од Груевски на 5 јуни минатата години, колку ли ќе освојат реформирани. Не е белки Груевски заинтересиран катастрофално да ги изгуби изборите, па им сугерира уште да се реформираат и да најдат нови лица.
Обединувањето на опозиција, секако, не е без проблеми. Но, важно е за таквата можност и нужност да почне да се зборува, да се обмислува и да се преговара.
Прашањето кое бара сериозен одговор е како „протестните гласови“ против политиката на Груевски, кои се помногубројни и кај македонските и кај албанските избирачи, да се претворат во обединета политичка сила. Бидејќи често луѓето гласаат против власта од различни побуди, најважно е да се најдат неколкуте заеднички побуди и мотиви што ги обединуваат. Тоа може да се постигне со потпишувањето заедничка декларација на опозициските сили. Во неа можат да се наведат заедничките и неспорни цели, како што се, на пример: да се спречи уривањето на уставниот поредок од страна на власта; да се оневозможи нејзиното расипништво со градењето споменици; да се деблокираат разговорите за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ; да се спречи натамошното осиромашување на населението; да се спречат злуопотребите на власта преку задушувањето на слободата на печатот, инструментализацијата на судството и на полицијата и да се изведат пред суд виновните за евентуалното непочитувањето на правото при доделувањето тендери, големото трошење пари за себерекламирање.
Опозицијата може да се обедини и со заеднички протест и барање за слободен пристап до јавниот радиодифузен сервис и со закана за негово блокирање затоа што тој сервис со нејзини пари работи против нејзините интереси. А може да се обедини и со барање за промена на изборниот модел за следните парламентарни избори. Таа може да бара подршка и од ДУИ за закон со кој преку промена на изборниот систем Македонија ќе го задржи сегашниот пропорционален модел, но ќе биде една изборна единица, а изборниот праг во парламентот да не постои. Со тоа секоја партија што ќе освои барем 10 илјади гласа на целата територија на Македонија ќе има најмалку еден пратеник во парламентот. Само со една таква мала измена, надуениот балон на поддршката за власта може да биде издишан, а Груевски и неговите да го почуствуваат „лагодниот живот“ на опозицијата во Македонија.
(Авторот е универзитетски професор)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |