21.06.2012, 12:05 Летните приказни на „Или-Или“ почнуваат со „Гордиевата врвка“
„Гордиевата врвка“ е шесто издание на „Или-Или“ од германскиот автор Бернхард Шлинк
Издавачката куќа „Или-Или“ од утре ја започнува својата книжевна авантура која трета година по ред се одржува под мотото „Летни приказни“, а која ќе трае до 1 септември. Оваа програма „Или-Или“ ја стартуваат со продажна промоција на новиот превод на германскиот писател Бернхард Шлинк, романот „Гордиевата врвка“. „Сигурни сме дека домашната публика е гладна за нова приказна од најчитаниот автор во нашата прозна едиција ’Проаза‘ и токму затоа изборот да ја отвори оваа наша летна авантура падна токму на нова книга од авторот на бестселерот ’Читачот‘“, велат од „Или-Или“.
„Гордиевата врвка“ на Шлинк е шесто издание на „Или-Или“ од овој германски автор, повторно во превод на Ксенија Чочкова. Романот, кој е напишан пред „Читачот“ и кој ја доби угледната книжевна награда „Глаусер“, укажува на наклонетоста на Шлинк кон политички теми, детективски заплети и психологија на ликовите, сето тоа раскажано со неговиот препознатлив стил и прекрасен јазик.
Во текот на „Летните приказни“, „Или-Или“ планираат да издадат уште неколку фантастични романи од Ханиф Курејши („Нешто да ти кажам“), Елфриде Јелинек („Алчност“), како и од Ахмед Хамди Танпинар („Институт за мерење на времето“).
Од „Или-Или“ велат дека читателите ќе имаат можност да направат добар избор за на одмор од нивните изданија и истовремено да ги набават книгите со попуст од 20 до 70 посто. (Т.И.)
|