20.06.2012, 15:29 Даница Тортевска и Трајче Лозановски се годинешните галички младоженци
Избрани се зетот и невеста за популарната „Галичка свадба“, која ќе се одржи на 14 и 15 јули
Киро Кипроски
Даница Тортевска и Трајче Лозановски, двајцата од Скопје, ќе бидат главните актери, невеста и зет, на годинешната атрактивна туристичко-културна манифестација „Галичка свадба“, која ќе се одржи на 14 и 15 идниот месец.
Специјалната комисија, како што не' информира Митре Ажиески, претседател на МЗ Галичник, одлуката ја донесе едногласно. Претходно биле направени интервјуа со сите четири пара кандидати, а врз одлуката влијаел и настапот, претставувањето на паровите на гала- вечерта што се одржа во салата на АРМ во Скопје, во чест на златниот јубилеј, 50 години од одржувањето на првата туристичка манифестација „Галичка свадба“ – во 1963 година.
Организаторот со главните актери, Тортевска и Лозановски, ќе одржи интензивни подготовки во Галичник, се' со цел да ги подготви успешно да можат да ги презентираат адетите, обичаите и ритуалите на „Галичката свадба“, која е единствена и неповторлива свадба и претставува бренд на Македонија.
„Желбата нашата шестгодишна врска да заврши со склучување брак во Галичник, нашето најомилено место и на ’Галичката свадба’ ни се исполни. Се' ќе дадеме во автентичното презентирање на галичките свадбарски обичаи, ритуали и фолклор“, изјавија главните актери на годинешнава „Галичка свадба“.
И годинава „Галичката свадба“ ќе биде крунисана со венчавката на невестата Даница Тортевска и на зетот Трајче Лозановски, што ќе се одржи во монументалната црква „Св. Петар и Павле“ во Галичник. Светиот чин венчавка, по сите изгледи, ќе го изврши митрополитот г. Тимотеј, надлежен архиереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ - ОА, монаси на Бигорскиот манастир и свештенослужители.
Инаку, Галичник живее за свадбата. Подготовките за големиот јубилеј се во полн ек и пред големиот настан успешно ќе бидат завршени.
|