19.06.2012, 23:09 (ЕП 2012) Англија победник во група Д, Украинците оштетени
Франција пак преживуваше понижување од Шведска која и покрај загубените шанси за прогрес, триумфира со 2:0
Англија е победник во групата Д од ЕУРО 2012, откако во последното коло ја совлада Украина со 1:0. Во динамичен натпревар, во Доњецк, Украинците тргнаа храбро кон англискиот гол, но не успеаја да го загрозат Харт. Англичаните не беа опасни во првиот дел и на паузата остана почетниот резултат. По само три минути игра во второто полувреме Руни го прослави враќањето по суспензијата со гол за водство. Џерард нафрли од десно, а Руни на втора статива реагираше голгетерски. Украина уште повеќа ја презеде играта, а доминацијата кулминираше во 62. минута. Девиќ шутираше од изгледна позиција, Харт ја зафати топката, но недоволно за да го запре нејзиниот пат кон голот. Тери ја исфрли кога веќе таа ја имаше поминато гол-линијата, но никој од петте судии не го забележа тоа. Резултатот остана конечен и и’ донесе на Англија вкупно седум бода на чело на табелата.
Во меѓувреме, во Киев, Франција преживуваше понижување од Шведска која и покрај загубените шанси за прогрес, триумфира со 2:0. Французите ја немаа препознатливата течност во играта и тешко се носеа со ангажираните Швеѓани. Резултатот го отвори Ибрахимовиќ по 10 минути во вториот дел, а првиот пораз за Фанција по пауза од 23 натпревари и 20 месеци го запечати Ларсон, во судиското продолжение.
Франција е втора со четири бода и во четвртфиналето ќе игра против Шпанија, додека Англичаните ќе одат на Италија. Украина како трета, Шведска како четвртопласирана го завршуваат шампионатот. (В.А.) |