17.06.2012, 10:50 Македонските ракометари по третпат ќе играат на Светско!
Македонската ракометна репрезентација синоќа и покрај поразот од Австрија со 30:27 избори пласман на Светското првенство што следната година ќе се одржи во Шпанија
Македонската ракометна репрезентација синоќа и покрај поразот од Австрија со 30:27 избори пласман на Светското првенство што следната година ќе се одржи во Шпанија. Македонија натпреварот во Виена го почна со предност од пет голови од првиот дуел, па поразот на реванш баражот не влијаеше на вкупниот резултат – 53:51 за Македонија.
Во „Алберт Шулц Хале“ нашите ракометари имаа поддршка и од македонските навивачи, кои и во оваа прилика беа присутни и дојдоа да ги бодрат. Во таква атмосфреа Македонија го контролираше резултатот, а и двете селекции се менуваа во водството. Во финишот на првиот дел по тајм-аутот на нашата клупа Македонија поведе и водството го зачува до крајот на првиот дел – 14:13.
Ако во првото полувреме капитенот Кирил Лазаров имаше максимален учинок 6 голови од исто толку обиди, на почетокот на вториот дел се разигра Наумче Мојсоски, кој од шест голови постигна четири и во 42.минута Македонија вторпат водеше +3 (20:17).
Кога нападот почна да паѓа, на голот се истакна Борко Ристовски, кој на петте одбрани од првиот дел во второто полувреме додаде 9 за вкупно 14. Но, тоа не беше доволно да се зачува водството, бидејќи Австрија со серија од 4:0 поведе во 52.минута.
Во „брканицата“ на теренот во последните минути, нашите играчи знаеја да постигнат голови кога требаше за на крајот заедно со околу 1.000 македонски навивачи да го прослават пласманот на третото Светско првенство, по Египет 1999 година и Хрватска 2009 година.
На крајот Австрија победи 30:27. Кирил Лазаров со 9 голови беше најефикасен, Наумче Мосјсоски постигна 7, а толку пати мрежата на нашите голмани ја погоди и најпрецизниот кај домаќинот Ројанд Шлингет.
Покрај Македонија на Светското првенство се пласираа: Русија, Словенија, Унгарија, Исланд и Црна Гора.
На вчера одиграните реванш бараж натпревари беа постигнати следниве резултати: Чешка – Русија 27:31 (54:49 вкупно за Русија), Португалија – Словенија 26:27 (58:52 за Словенија), Норвешка – Унгарија 31:27 (54:52 за Унгарија), Холандија – Исланд 24:32 (73:51 за Исланд) и Црна Гора – Шведска 20:18 (41:40 за Црна Гора).
Денеска се играат уште три натпревари: Полска – Литванија (24:17 на првиот натпревар), Белорусија – Словачка (26:24) и Босна и Херцеговина – Германија (24:36).
Пласман на СП имаат обезбедено: Франција како светски шампион, Данска, Србија и Хрватска (најдобропласирани од ЕП 2012) и Шпанија како домаќин. |