13.06.2012, 20:11 (ЕП 2012) Португалија до витални бодови
Португалците ја совладаа Данска со 3:2 и се вратија во игра за четвртфинале во групата Б, победничкиот гол дело на Варела во 87 минута по низата промашувања на Кристијано Роналдо во вториот дел
Португалија ја совлада Данска со 3:2 во меч од второто коло во групата Б на Европското фудбалско првенство. Трите бода од витално значење за Португалците ги обезбеди Варела во 87 минута. За "европските Бразилци" претходно погодија и Пепе во 24 минута и Постига во 36 минута, Бентнер беше двоен стрелец за Данците во 41 минута и во 80 минута. За составот на Пауло Бенто ова е прва победа на континенталниот фудбалсски самит во Полска и Украина со која влегува во игра за една од позициите кои водат во четвртфиналето. Во последното трето коло во групната фаза на шампионатот Португалија ќе игра против Холандија, а Данска ја очекува дуел со Германија.
Со победата како императив Португалците влегоа во дуелот со Данците. Тоа беше единствената опција за нив попладнево во Лвов. И на крајот, сепак, успеаја во тоа иако од позитива од два гола се доведоа во ситуација да стравуваат и за бод. Доколку останеа само со него или и без него, трагичар ќе беше капитенот Кристијано Роналдо кој во второто полувреме не успеа да погоди во ситуации во кои беше потешко да се промаши. Поуспешен во првиот негов обид беше данскиот голман, вториот заврши крај голот. Во меѓувреме примија уште еден за 2:2, а по низата промашувања "спасителот" го пронајдоа во резервистот Варела кој избега од фокусот на данската одбрана и реализира за огромна радост на Португалците. (С.Д.) |