15.06.2012, 14:40 Протест на СДСМ поради преименувањето на улиците
Опозициската партија порача дека „промената на улиците ќе трае само до локалните избори кога ќе биде ревидирана“
СДСМ денеска одржа протест на мостот кај хотелот „Холидеј Ин“ поради одлуката на Советот на Скопје за преименување на дел од улиците, мостовите и плоштадите во градот.
Секретарот на СДСМ Андреј Петров во изјава за медиумите забележа на промената на името на улицата што го носеше името на Стив Наумов, како што посочи, еден од најголемите македонски херои, кој се жртвуваше за слободна и независна Македонија.
- Ние денеска сме овде на улицата Стив Наумов, која засекогаш ќе остане Стив Наумов. Тој го даде својот млад живот за да ние денес имаме своја татковина. На мостот со насјкапата ограда ќе оставиме две негови фотографии. Тие се многу потресно сведоштво за огромната жртва која Стив Наумов ја дал за Македонија, ијави Петров. Обвини дека актуелната власт сака да го избрише ликот и делото на Стив Наумов, а во исто време да го велича, како што наведе „крвникот на македонскиот народ Тодор Александров“.
На граѓаните им порача да не ги менуваат личните исправи бидејќи како што наведе, оваа одлука за преименување на улиците ќе трае само девет месеци, до локалните избори, по што ќе биде ревидирана.
Претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, по поводд протестот изјави дека улицата „Стив Наумов" не се брише, туку името само ротира, па така не сегашната улица „Стив Наумов", кај хотелот „Холидеј Ин", туку друга улица во Општина Центар ќе го носи името на овој македонски херој. |