16.06.2012, 03:11 (ЕП 2012) Убавицата на првенството за Англија
Во најинтересниот меч на ЕП 2012 исполнет со пресврти и пет гола Англичаните ја совладаа Шведска со 3:2
Убавицата на европското првенство и' припадна на Англија. Во меч со многу пресврти и пет гола Англичаните ја совладаа Шведска со 3:2 и ги затворија четвртфиналните порти за скандинавскиот претставник во групата Д. Глен Џонсон (автогол) во 49 минута и ветеранот Мелберг во 59 минута беа стрелци на погодоците за Швеѓаните, Керол во 23 минута, Волкот во 64 и Велбек со најубавиот гол на шампионатот ги урнаа надежите на скандинавците за минување во нокаут фазата на континенталниот турнир.
Англичаните доминираа во првиот дел по кој заслужено заминаа на одмор со погодокот на Енди Керол. Меѓутоа Шведска успеа да направи целосен пресврт за само 14 минути во второто полувреме и тоа по два прекина. По двата примени гола селекторот на Англија го повлече клучниот потег и во игра го испрати Тео Волкот кој му се оддолжи на тревникот со една реализација и асистенција при победничкиот гол за прв триумф на Англија над Шведска во мечеви од натпреварувачки карактер. Во досегашните седум меча Швеѓаните се радуваа двапати, а пет средби завршија без победник, традиција која е прекината во најлош момент за нив.
Со овој пораз Шведска се збогува со првенството уште во групната фаза со оглед дека не освоија бод во двата меча досега. Англија, пак, и' се придружи на Франција со четири бода и во последното коло ќе игра против Украина за пласман во четвтрфинале пришто на составот на Хоџсон ќе му биде доволен и бод за место меѓу најдобри осум на ЕП 2012.
|