14.06.2012, 20:13 (ЕП 2012) Хрватите и' откинаа бод на Италија
Со голот на Манџукиќ во 72 минута, негов трет на ова ЕП, "коцкестите" стигнаа до реми во дуелот со "азурите" во групата Ц на ЕП 2012
Италија и Хрватска одиграа без победник (1:1) во второто коло во групата Ц на Европското фудбалско првенство. Италијанците поведоа со голот на Пирло од слободен удар во 39 минута, израмни Манџукиќ во 72 минута со неговиот трет гол на шампионатот во Полска и Украина колку што досега постигнаа и Германецот Марио Гомез и Русинот Алан Џагоев. Италија и Хрватска остануваат непоразени на ова ЕП. Во завршното коло од групната фаза "азурите" ќе играат со селекцијата на Република Ирска, а "коцкестите" против Шпанија, дуели што ќе ги дадат имињата на четвртфиналистите од оваа конкуренција.
Италија беше подобра, подоминантна во првото полувреме. Селекторот Чезаре Прандели и овојпат не отстапи од формацијата 3-5-2 со која извлече бод против Шпанија во воведната рунда. Номинално фудбалер за врска, Де Роси и попладнето ја доби улогата на централен дефанзивец, со азурниот оркестар одново диригираше Пирло, во нападот Касано и Балотели кој по вторпат доби предност во однос на нешто поповлечениот Ди Натале. Хрватите тешко се справуваа со разиграните Италијанци. Дозволија многу работа за голманот Плетикоса кој го спаси својот тим во неколку наврати, но не успеа и во 39 минута и слободниот удар на Пирло. Хрватскиот чувар на мрежата беше основниот "виновник" што светскиот шампион од 2006 година не замина со повеќе од еден гол позитива на одмор.
Сликата на теренот се смени во второто полувреме. Италијанците како да се опуштија од водството и играта во првиот дел, па помалку лабаво истрчаа на тревникот во продолжението. Како одминуваше времето Хрватите се повеќе притискаа и се селеа пред голот на Буфон, кого, сепак, го принудија на капитулација во 72 минута. Центаршутот на Стриниќ ја префрли комплетната одбрана на Италија, а Манџукиќ по фантастичниот прием ја совлада "единицата" на Јувентус. До крајот резултатот остана непроменет и покрај приликите на обете страни. (С.Д.)
|