10.06.2012, 21:38 Дождот го прекина машкото финале на „Ролан Гарос“
Надал подобар од Ѓоковиќ во првите два сета со 6:4 и 6:3
Финалето на „Отвореното тениско првенство во Франција“ треба да биде доиграно утре, откако поладнево дождот беше причината финалистите Рафаел Надал (Шпанија) и Новак Ѓоковиќ (Србија) предвреме да го напуштат централниот терен на „Ролан Гарос“.
Шпанскиот тенисер ги доби првите два сета со 6:4 и 6:3. Ѓоковиќ беше убедлив во третиот сет кој го доби со 6:2, а прекинот настана во четвртиот сет при резултат од 2:1 во гемови за Србинот.
Доколку временските услови дозволат натпреварот ќе продолжи утре од 13 часот, но според метеоролошките прогнози и утре во Париз ќе врне дожд, па неизвесно е кога ќе се доигра машкото финале.
Вчера во финалниот меч кај жените Марија Шарапова (Русија) ја победи Сара Ерани (Италија) со 2:0 во сетови (6:3 и 6:2).
|