14.06.2012, 22:52 (ЕП 2012) Шпанија ја торпедира Р. Ирска
"Фуријата" славеше со 4:0 што претставува најубедлива победа во досегашниот тек на ЕП 2012, двоен стрелец Торес, по еднаш погодија Силва и Фабрегас
Шпанија рутински ја совлада Република Ирска со 4:0 во вториот меч од второто коло во групата Ц на Европското првенство во Полска и Украина. Двапати погоди Торес (4 минута, 70 минута) и по еднаш Силва (49 минута) и Фабрегас (83 минута) за најубедливиот триумф во досегашниот тек на турнирот. Шпанците сега се лидери во конкуренцијата со 4 бода колку што има и Хрватска на второто место, Италија е трета со два бода, Ирците се без бодови и се први што по две кола ги загубија сите шанси за четвртфиналето. Во последниот натпревар, во понеделник (20.45 ч.), ќе играат против Италија, колото ќе се комплетира со дуелот Шпанија - Хрватска кој е закажан во истиот термин.
Шпанија лесно се справи со предизвикот наречен Република Ирска и победникот во ниту еден момент не беше доведен во прашање. Фуриозната шпанска машинерија почна да го меле противникот уште од уводните минути во Гдањск, а ирскиот среден ред беше тотално немоќен со брзите додавања на шпанските играчи пришто "зелените" тешко ја задржуваа топката во свој посед. Ирците покажаа заби дури во 64 минута преку Мекгиди, но резултатска промена не успеаја да направат ниту пак да постигнат почесен погодок до крајот на средбата. (С.Д.)
|