15.06.2012, 21:54 (ЕП 2012) Франција ги стивна еуфоричните Украинци
Триколорите го совладаа ко-домаќинот на Европското првенство со 2:0 и направија голем исчекор кон четвртфиналето
Франција ја совлада Украина со 2:0 во меч од групата Д на Евроското првенство и направи голем исчекор кон четвртфиналето. Менез во 53 минута и Кабаје во 56 минута беа творци на триумфот на "триколорите" кои ја продолжија низата без пораз на 23 средби. Во исчекување на вечерашниот дуел меѓу Шведска и Англија, Французите се лидери на табелата во својата група со 4 бода, за место меѓу најдобрите осум на турнирот ќе се судат со Швеѓаните.
Франција беше подобар противник, имаше повеќе и подобри шанси за гол од противник, но нејзините играчи никако не успеваа да го пронајдат патот до мрежата на Пјатов се до 53 минута кога погоди Менез, фудбалер на ПСЖ. Три минути подоцна во листата на стрелци се впиша и Кабаје со неговиот првенец во националниот дрес. Претходно Менез и Мексес ги имаа најизгледните прилики за погодок, а во обете ситуации поуспешна беше украинската "единица". По двата погодока падна и темпото на игра, Украинците изгледаа немоќно за резултатско враќање во игра, ривалите, пак, задоволни од дотогаш сработеното ја смирија играта и рутински го приведоа до крај мечот.
Ова беше седми меѓусебен дуел меѓу Украина и Франција и четврта победа на "триколорите", три средби завршија без победник. Проклетството за Украинците продолжува, не само кога се во прашање пресметките со Французите, туку и кога станува збор за нивните дуели на "Донбас арената" во Доњецк. Попладневниот беше петти за нив во кој ги претрпеа и петтиот пораз. За разлика од нив Франција прекина една непријатна традиција. Ја забележаа првата победа на Европските првенства по ерата на Зинедин Зидан. Последната радост на континенталните турнири за "триколорите" беше против Швајцарија на ЕП 2004.
Попладневниот меч меѓу Украина и Франција беше прекинат во петтата минута поради силен дожд и грмотевици и продолжи по, речиси, еден час пауза. (С.Д.)
|