10.06.2012, 20:09 (ЕП 2012) Италија извлече реми со Шпанија
Со храбра и дисциплинирана игра „азурите“ одиграа 1:1, против актуелнит европски и светски првак, во првиот меч од групата Ц на ЕУРО 2012
Дуелот на фаворитите во групата Ц на ЕУРО 2012, заврши без победник Италија. И Шпанија одиграа 1:1, во првото коло од оваа конкуренција и ја пролонгираа неизвесноста околу освојувањето на првата позиција.
Италијанците можат да бидат позадоволни, прво поради тоа што, објективно, извлекоа бод со најголемиот фаворит на шампионаотот, а второ поради неколкуте пропуштени шанси на Шпанија кон крајот на мечот. Сепак, резултатот го отворија Италијанците. Не напаѓаа многу, играа дисциплинирано, но тогаш кога можеа, не пропуштаа да се заканат кон голот на Касиљас. На додавање на Андреа Пирло, прецизен беше Антониот Ди Натале, само неколку минути откако влезе во игра, во второто полувреме (61 мин.).
Вториот дел, впрочем, беше многу поотворен, од аспект на создадените шанси и можеби затоа, ниту Шпанците не чекаа долго на погодок. Во 64. минута, Силва генијално го проигра Фабрегас, а тој стрелаше на вистинското место. Ова беше своевидно оправдување за определбата на селекторот Висенте Дел Боске да го почне натпреварот без класичен шпиц, со Фабрегас, Иниеста и Силва во нападот. Меѓутоа, на 15-тина минути до крајот Торес влезе во игра и Шпанија целосно ја презеде иницијативата. Напаѓачот на Челзи имаше две одлични шанси, но не ги искористи. Претходно можности за гол пропуштија Фабрегас, Иниеста и нововлезениот Хесус Навас.
Италија најсериозно се закани преку Мота, во првиот дел, а шанси имаа и Касано, Балотели и Маркизио. (В.А.) |