18.06.2012, 09:01 Лидерите на Г20 се собираат во Мексико
На годишната средба на врвот на земјите од Г-20 лидерите ќе дискутираат за европската криза
Земјите од Групата 20 (Г-20) најразвиени земји и држави со забрзан развој денеска и утре ќе се соберат на годишна средба во мексиканското туристичко место Лос Кабос.
Тие на оваа средба ќе ја повикаат Европа дека е време веќе да најде решение за кризата во еврозоната. Тоа ќе се случи само еден ден по одржувањето на клучните парламентарни избори во Грција, кои сите ги натераа да „останат без здив“. Се очекува тие да побараат од Атина да ги исполни своите обврски за спроведување строги економски мерки.
Во фокусот на вниманието на лидерите на држави и влади од земјите на Г-20 ќе биде и драстичното зголемување на немирите во Сирија, каде набљудувачите на ОН во саботата ја прекинаа својата мисија поради зголеменото насилство.
Американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Владимир Путин утрово пред почетокот на форумот ќе остварат средба, која ќе биде прва откако Путин се врати во Кремљ минатиот месец. |