18.06.2012, 18:09 Црвенковски: Направивте пустош во источниот регион
Лидерот на СДСМ и' порача на ВМРО-ДПМНЕ дека на исток ќе помине како Хитлер на источниот фронт
Иван Бојаџиски
Штип – „Во изминатите шест години ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за источниот регион. Ни патишта, ни аеродром, кој Груевски силно го ветуваше, за потоа да рече дека во Овчеполието имало многу ветер, по што аеродромот падна во заборав. Море, ним се' им е ветер и магла. И покрај пустошот што го направија во овој дел на Македонија, тие и понатаму постојано се фалат дека секогаш најдобри изборни резултати остварувале токму во овој регион. Според нив, на истокот колку посиромашни граѓани, толку поевтини гласови. И тоа во регион во кој живеат најсиромашни луѓе, каде што невработеноста е најголема, регион од кој иселувањето е најголемо со што истокот остана без својата младост, без својата иднина. Но, народот се' повеќе го сфаќа тој потценувачки однос, па ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори во источниот регион ќе помине како Хитлер на источниот фронт, а Штип ќе биде неговата прва линија“, рече Бранко Црвенковски на митингот на СДСМ, кој се одржа прексиноќа во центарот на градот.
Лидерот на опозицијата пред штипјани изјави дека народот почнал да крева глас против оваа ненародна власт. Црвенковски рече дека на овие собири, од митинг на митинг, имало се' повеќе народ, што било гаранција дека на наредните локални избори опозицијата и народот ќе отвореле нова страница во новиот почеток за поубава иднина на сите во Македонија.
Здравко Коцев, кандидат за градоначалник од СДСМ, иронично зборуваше за остварувањата на актуелната локална, но и државна власт.
„Имавме прес на клучката Велес – Штип – Кочани каде што постојано ги слушавме звуците на авионите на меѓународниот аеродром „Александар мали“ кај блиското село Врсаково, кои секој час слетуваа и полетуваа носејќи ни нови инвеститори. Оттаму до градот моравме да возиме слалом за да не си ги скршиме возилата во некоја од многубројните дупки. Поминавме покрај локацијата на која градоначалникот Алексов и актуелната државна власт ќе градеа студентски град, поминавме покрај местото на кое локалната власт ќе гради затворен базен, па покрај Градскиот стадион на кој за реновирање беа потрошени пари како да се гради Вембли, од таму стигнавме кај Дујлето па преку тунелот кој ’ќе’ се гради стигнавме во центарот на Штип, кој личи на се' само не на централно подрачје кое му прилега на регионална големина каква што е Штип“, рече Коцев.
Коцев рече дека за разлика од Алексов, тој не давал празни ветувања. „Кога во март ќе станам градоначалник ќе изградиме мост, кој населбата Сењак ќе ја поврзе со индустрискиот дел на градот. Штип ќе биде гасифициран по примерот на Струмица и Куманово. Депонијата ’Трештена скала’ ќе биде регионална. На радост на најмладите ќе отвориме зоолошка градина, прва и единствена од Скопје наваму. Ќе ги снема дупките кои сега ги има на сите улици во градот. За шест години владеење со државата и четири со општината, освен Универзитетот, тие ништо друго не направија за Штип и регионот, и сосема е јасно дека народот ќе им го каже историското ’не’“, рече Коцев пред штипјани. |