25.06.2012, 14:29 Груевски: Делата говорат за нашата почит кон борците од НОВ
Нашата политичка гарнитура прави чекори и гестови со кои се одбележува антифашистичката борба. Со промените на имињата на улиците не е деградирано името на Стив Наумов, ниту пак имаме негативен однос кон нашите борци против фашизмот затоа што делата го покажуваат токму спротивното, наведе премиерот Никола Груевски, во одговор на прашање од пратеникот од СДСМ Андреј Петров на денешната седница на Собранието.
Пратеникот праша дали се планира промена на одлуката за менување на имињата на улиците и обвини дека името на Стив Наумов е ставено на споредна улица и заменето со име од античката историја. Со тоа, оцени Петров, се деградира улогата на борците од НОВ, и се бришат нивните историски постигнувања.
- Обидот, тврдењето дека улицата Стив Наумов беше замената со друга исто така во центарот на градот да се прикаже како некаков политички став на ВМРО-ДПМНЕ против луѓето кои ги дадоа животите борејќи се против фашизмот е прилично ваша невешта акција затоа што делата го покажуваат спротивно. Тие покажуваат дека токму сега се даде улица на Киро Глигоров, на Михајло Апостолски, на Павел Шатев... Сите се учесници во борбата против фашизмот. Се ставија споменици на АСНОМ, Цел Президум на АСНОМ е ставен на споменик. Се направи споменик на Ченто, а се прави споменик на Кузман Јосифовски Питу, се даде друга улица во центарот на градот за Стив Наумов, рече во одговорот Груевски.
Според него, не случајно токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е изграден споменик на Президиумот на АСНОМ каде се ставени сите ликови кои биле во Президумот.
- Политичка гарнтиура која нема почит кон луѓето кои се бореле против фашизмот сигурно не би изградила споменик на Президиумот на АСНОМ, каде биле предводниците на антифашистичката борба каде меѓу другите е и Киро Глигоров, Ченто. Во тек е изработка на споменик на Кузман Јосифовски Питу еден од најистакнатите борци на антифашистичката борба, наведе Груевски.
Тој нагласи дека за името на Стив Наумов не е дадена сервисна улица, туку улица во центарот на градот. Односно, воопшто нема деградација на неговото име, ниту пак има негативен однос кон македонските броци од фашизмот.
- Претерувате во вашите кажувања. Тоа што е ставена улица на Филип 2 Македонски на тоа место можеби ве загрижува, вие си знаете зошто имате против баш на местото каде ќе биде новото Министерство за надворешни работи да биде Филип 2 Македонски, наведе Груевски и истакна дека не станува збор за деградација на името на Стив Наумов, ниту пак за негативен однос кон македонските борци од фашизмот.
Премиерот оцени дека опозициската партија неосновано сака да предизвика гнев кај граѓаните, но оти самата ќе се заплетка во таквите приказни.
- Делата го кажуваат спротивното. Зошто на пример вие во минатото не направивте некоја промена во таков правец и на некоја заслужна личност да се изградеше споменик. Нема таков симбол на почитување од ваша страна. Сега има таков симбол на почитување, жалам што не сте нашле нешто попаметно за дискусија, наведе Груевски.
|