18.06.2012, 17:43 Пат низ трње за новата грчка влада
Самарас и Венизелос имаат доволен број пратеници за двопартиска коалиција, но веројатно ќе се формира влада Нова демократија – ПАСОК-Демократска левица
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грчкиот народ се изјасни - коалициска проевропска влада под палката на Андонис Самарас и Нова демократија сега и веднаш. Грчките десничари и нивниот лидер Самарас кои овој момент го чекаа со месеци немаат простор за славење. Симпатизерите на Самарас можеби извикуваа во еуфорија „Еве го, еве го премиерот“, меѓутоа Самарас се соочи со предизвикот и народниот и европски притисок итно да формира влада, за која многумина се сомневаат колку долго ќе успее да се одржи стабилно на политичката сцена.
Се очекува дека до денес десничарите ќе успеат да формираат влада, а се смета дека Самарас има шанси да го оствари својот сон да стане премиер. Грција нема ниту момент за чекање. Светските берзи се стабилизираа, на европските и на светските лидери им олесна, но ЕУ итно го чека официјалниот грчки соговорник со кој треба да се продолжи работата за спроведување реформи и имплементирање на мерките за штедење.
Новата грчка влада нема да легне во постела од рози. Напротив, ќе чекори по многу трнлив пат. До крајот на месецот ќе треба да се соочи со европските лидери на состанокот на еврогрупата и самитот на ЕУ, а наскоро и со претставниците на тројката ЕУ, ЕЦБ и ММФ за да се продолжи со реформите и мерките, меѓу нив и приватизацијата на голем дел од државните компании која доцни повеќе од една година според предвидениот план.
На овие втори вонредни избори, според оцените, победници се и Самарас и новата силна опозиција СИРИЗА на Алексис Ципрас, но и воздржаните, бидејќи нивниот процент е многу голем - 37 отсто.
По кусиот шок од првите анкети каде што СИРИЗА и Нова демократија беа рамо до рамо со разлика од неколку промили, по објавувањето на официјалните резултати од изборите Нова демократија излезе прва со сигурна предност. Според официјалните резултати, десничарите освоија 29,6 отсто и 129 пратеници, СИРИЗА - 26,8 отсто и 71 пратеник. Процентите и на двете партии се пораснати за околу 10 отсто во споредба со претходните избори. На трето место како што се очекуваше дојдоа социјалистите и поранешна владејачка партија ПАСОК со 12 отсто и 33 пратеници. Во парламентот влегоа и десничарите Независни Грци, Демократска левица, неонацистите Златна зора со 18 пратеници и Комунистичката партија која забележа најголем пад на овие избори во својата историја.
На дел од грчкото општество и на ЕУ им олесна со овие резултати. Сите медиуми и' аплаудираа на победата на Нова демократија. „Резултат кој и' олеснува на државата“, „Народен мандат за формирање влада“, „Пораката од изборите е останување во еврозоната“, „Влада веднаш“ и „Глас за надеж“ беа само дел од насловите во големите грчки печатени медиуми. На прашањето дали граѓаните гласале од страв или желба за останување во еврозоната, новинарот на ТВ Антена, Јоргос Влавијанос, за нашиот весник вели дека изборот за останување на еврото е дел од определбата на Грците да бидат европски народ.
„Не знам дали може да се каже страв, би рекол дека грчкиот народ е традиционално насочен кон Европа, не може да се каже дека стравот го турнал кон ЕУ“, вели тој. Се надева дека високиот процент на гласови нема да значи дека општеството е поларизирано, поделено меѓу оние што се за мерките за штедење и оние што се противат на нив. „Во овие услови треба да има национално единство затоа што само така ќе излеземе од тешката ситуација“, додава новинарот.
Возбуден од изборната победа за време на триумфалната изјава во прес-центарот Запион пред огромен број домашни новинари и странски дописници, Самарас истакна дека оваа победа е значајна за Грција и за Европа и вети дека ќе ги почитуваат обврските што ги има Грција кон европските партнери. Поради тоа што ниту една партија не освои апсолутно мнозинство, грчкиот претседател Каролос Папуљас вчера напладне му го даде првиот мандат за формирање влада на Самарас.
Првата средба на Самарас беше со неговиот противник Ципрас, очекувано неуспешна, а во текот на денот беа закажани средби со лидерот на ПАСОК, Евангелос Венизелос, и лидерот на Демократска левица, Фотис Кувелис. „Ќе го почитуваме договорот, но истовремено бараме да има политики кои преку развој ќе му дозволат на грчкиот народ да воздивне и ќе им дадат надеж на милиони Грци“, истакна Самарас по средбата со Ципрас, потенцирајќи дека треба да се формира влада за национален спас со повеќе партии.
На формирање итно влада повикуваа и граѓаните и меѓународната јавност. Професорот Јанис Армаколас од тинк-тенкот ЕЛИАМЕП вели дека сигурно ќе се формира влада затоа што Грција нема време за губење. „Сигурната предност која стигна речиси до 3 отсто за Нова демократија ќе помогне да се формира влада. Прашањето е дали ќе влезат ПАСОК и Демократска левица. Ќе биде важно новата влада да ја има нивната поддршка затоа што тие ќе помогнат да се балансира оваа влада да не натежне само на десната страна“, вели Армаколас, додавајќи дека овие две партии може да инспирираат побалансирани политички одлуки.
Според освоените гласови, Нова демократија и ПАСОК имаат доволен број пратеници за во двопартиска коалиција да формираат влада, меѓутоа повеќе се вртеше сценариото дека ќе се формира влада Нова демократија – ПАСОК - Демократска левица. Прашањето беше какви карти ќе отворат на средбите со Самарас лидерите на овие две партии и кои ќе бидат нивните барања. Се коментираше дека ПАСОК нема да понуди свои пратеници за министри во владата и единствено би можеле да предложат имиња на одредени технократи. Ваквиот чекор на ПАСОК се оценуваше како оставање на Нова демократија како прва партија малку да го преземе товарот што го носеа повеќе од две години, односно оставање простор десничарите да се справат со жешките костени. Венизелос бараше и СИРИЗА како втора партија да преземе одговорност и да се приклучи во партијата за национален спас, но тоа сценарио беше отфрлено од радикалната левица.
Ципрас јасно истакна дека планира да биде силна, борбена опозиција која будно ќе ја следи работата на владата. Порача дека и да не успее Самарас да формира влада, СИРИЗА ќе го одбие мандатот за формирање влада. Според аналитичарите, силно второ место и опозиција е идеално за СИРИЗА во моменталните услови. Армаколас вели за „Утрински“ дека СИРИЗА ќе се најдеше во тешка позиција за спроведување на својата програма доколку победеше на изборите. „Силна втора партија е најдоброто што можеше да го очекува СИРИЗА. Како опозиција ќе биде многу значаен фактор. Важно е СИРИЗА да почне да созрева како партија и кај неа повеќе да почне да се забележува проевропското расположение“, вели Армаколас. Според него, би било позитивно доколку се види вакво созревање кај СИРИЗА и доколку се забележи дека во партијата повеќе се слуша гласот на проевропските умерени сили отколку партијата остане на радикално левите политики и ветувањата од минатото.
Новинарот Влавијанос вели дека втора партија и опозиција можеби одговара партиски на СИРИЗА, меѓутоа дека во сегашната ситуација работите не треба да се гледаат партиски, туку да се гледа што е добро за општеството, граѓаните и развојот на државата.
Една од најнеизвесните работи со новата влада беше нејзиниот рок на траење. Иако е повеќе од јасно дека Грција е со револвер во слепоочница за да избере влада, процените за рокот на владата се движеа од песимистички дека владата ќе потрае само неколку месеци и дека наесен повторно ќе има избори до пооптимистички дека ќе успее да се одржи од две до четири години.
Шпекулации од Нова демократија зборуваа дека Самарас ќе предложи владата за национален спас да потрае барем до 2014 година. Одлучувачки за иднината на владата, според Армаколас, ќе бидат и локалните и евроизборите кои се во наредните две години. Според него, оваа влада треба да издржи барем две години за да воведе ред во економијата и во општествената ситуација.
„Три фактори се одлучувачки за тоа колку ќе издржи владата. Каков ќе биде стилот на владата, односно колку зрело ќе се однесува. Второ, како ќе се однесува ЕУ, дали ќе помогнат или ќе продолжат со порадикално однесување и изјави. И како ќе се однесува опозицијата“, вели Армаколас, додавајќи дека ако СИРИЗА се реши на бран протести, работите може да се отежнат дополнително за државата. Во Грција се надеваат дека ЕУ ќе го ублажи стилот по резултатот на изборите и ќе покаже волја за олеснување на мерките и продолжување на рокот за исполнување на мерките за штедење и реформите.
Koj доби, а кој загуби
Овие избори донесоа големи промени во грчката политичка слика за разлика од првите вонредни избори во мај. Иако редоследот на партиите е речиси идентичен, сепак, процентите се сосема различни. Првата голема разлика е 10 проценти пораст на гласачите за Нова демократија и СИРИЗА. На мајските избори десничарите освоија 18,9 отсто и 108 пратеници, а сега 29,6 отсто и 129 пратеници. СИРИЗА во мај изненади со 16,8 отсто и 52 пратеници, а сега го покачи бројот на освоени гласови на 26,8 отсто и 71 пратеник. ПАСОК се држи добро во споредба со мај кога освои 13 отсто и 41 пратеник, бидејќи сега освои 12 отсто - 33 пратеници. Слична е и ситуацијата со Демократска левица кои имаа 6,1 отсто во мај и 6,2 процента на неделните избори. Десничарите Независни Грци паднаа од 10 отсто - 33 пратеници на 7 отсто - 20 пратеници, а најголем пад од 1974 до денес забележа Kомунистичката партија, чиј процент се преполови од 8,5 на 4,5 отсто. (M.П.)
(ОНЛАЈН ДОПОЛНУВАЊЕ) ПАСОК не се откажува од барањето за учество на СИРИЗА во владата
Атина - Денеска продолжуваат разговорите за формирање нова грчка влада под палка на десничарите Нова демократија. "Разговорите продолжуваат и утре", изјави вчера лидерот на десничарите, Адонис Самарас по неговата средба со Фотис Кувелис од Демократска Левица за која се очекува да биде дел од новата влада. Самарас ја оцени средбата како конструктивна и продолжува со работата за формирање коалициска влада за национален спас која во Грција се оценува дека ќе се формира до вечер. Кувелис истакна дека одговорот на прашањето дали ќе има влада или не ќе биде програмата и договорот кој ќе и се понуди на оваа влада.
Средбата со Кувелис беше четврта средба за Самарас кој како мандатор за новата влада и потенцијален нов премиер се сретна со лидерот на опозицијата Алексис Ципрас од СИРИЗА, Евагелос Венизелос од ПАСОК и Панос Каменос од десничарската Независни Грци. Самарас во текот на денот истакна дека ќе се обиде да формира влада во брзо време, како и дека таа влада ќе работи за преговарање на условите за пакетот за штедење за да му олесни на грчкиот народ. Иако се шпекулира кои имиња би можеле да се најдат во новата влада, пратеници и технократи, она што за сега е најверојатно е дека Самарас ќе биде премиер на оваа влада, црвена линија од која десничарите како победници на вторите вонредни избори немаат намера да се повлечат.
Кувелис од Демократска левица, која заедно со ПАСОК се оценува дека ќе бидат дел од новата влада, по средбата истакна дека треба да се формира влада која ќе води политика што ќе гарантира стабилна иднина на Грција во еврозоната, но и веднаш ќе започне преговори за менување и раскинување на некои услови од пакетот за штедење. Посочи дека освен за условите на функционирање на владата ќе треба да има и компромис и договор за лицата кои ќе биде дел од владата.
Лидерот на поранешната владеачка партија, ПАСОК, Венизелос се сретна со Самарас неколку часа пред Кувелис. Без јасно да ги отвори картите, Венизелос истакна дека бара одговорноста во новата влада да ја преземат и СИРИЗА без да се кријат во удобното опозициско столче. Поранешниот министер за финансии побара да се свика лидерска средба на Нова демократија, ПАСОК, Демократска левица и СИРИЗА кај претседателот Каролос Папуљас за да биде договорена влада за национална одговорност. Одлуката на лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас да ја отфрли можноста да прифати мандат за формирање влада или пак коалиција со првата партија, Венизелос ја оцени како недемократска, заканувачка и неодговорна. Венизелос бара СИРИЗА исто како и другите партии да преземе политичка одговорност и да ја задоволи желбата на народот за задржување на државата во еврозоната, а не да седи во агол и да создава услови за пропаст на државата. "И тие што ќе одберат опозиција имаат национална одговорност", истакна Венизелос, потенцирајќи дека партиите треба да испратат порака до народот дека се обединети, а кон меѓународната јавност дека нивната преговарачка позиција останува силна и јасна. (М.П.) |