21.06.2012, 14:03 (ЕП 2012) Англичаните тренираат пенали пред натпреварот со Италија
Дојдовме во фаза кога пеналите мораме да ги сфатиме сериозно, бидејќи во минатото ни се случуваше важни натпревари да изгубиме од белата точка, рече селекторот Рој Хоџсон
Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, Рој Хоџсон, три дена во пресрет на четвртфиналниот меч на Европското првенство против Италија, одлучи да го интензивира тренирањето пенали.
- Тренизните пред мечот со Италија се одвиваат во вообичаениот ритам, со тоа што го зајакнавме вежбање на пенали. Дојдовме во фаза на турнирот, кога пеналите мораме да ги сфатиме сериозно, бидејќи во минатото ни се случуваше важни натпревари да изгубиме од белата точка, рече Хоџсон.
Тој додаде дека со пеналите никогаш не се знае и оти тие се како лотарија.
- Можете да вежбате изведување на пенали до бесвест, но се се сведува на моментот на концентрација, самодоверба, способност да се исклучите од случувањата околу вас, од бучната публика и притисокот кои го носи вашето шутирање. Сме гледале дека пеналите не ги искористија играчите за кои мислевме дека се неприкосновени изведувачи на најстрогите казни, додаде Хоџсон.
Репрезентацијата на Англија од 1990 година ја следи „проклество“ во пеналите, откако оттогаш пет пати испаѓаше на големите натпревари.
Четвртфиналниот меч меѓу Англија и Италија се игра в недела на 24 јуни во Киев.
|