20.06.2012, 10:09 Мајами на една победа до шампионската титула во НБА
„Жешките“ го остварија третиот триумф против Оклахома Сити со 104:98
Екипата на Мајами Хит се наоѓа на една победа до освојување на шампионската титула во НБА лигата, откако ноќеска во натпреварот број 4 оствари триумф против Оклахома Сити со 104:98 (19:33; 27:16; 33:26; 25:23) и поведе со 3-1 во добиени натпревари.
Иако, во првиот период беа во негатина од 17 поени (во финишот на првиот период 16:33), играчите на Мајами успеаја да направат пресврт и да дојдат до победата.
Уште еднаш предводник на „жешките“ беше најдобриот играч од регуларниот дел од сезоната Леброн Џејмс, кому му требаше само еден скок за „трипл дабл“ – 26 поени, 12 асиситенции и 9 скокови. На овој дуел одлична помош имаше од Двејн Вејд и од Марио Челмерс кои постигнаа по 25 поени, а за Челмерс ова беа рекордни во плеј-офот со извонреден процент на реализиација 9 погодени од 15 обиди.
Кај поразените рекордни 43 поени за Оклахома Сити постигна Расел Вестбрук, додека Кевин Дјурант реализираше 28. Останатите пет кошаркари кои постигнаа кошеви заедно имаа 27 поени, што беше недоволно за победа.
Кошаркарите на Мајами и во следниот натпревар во четврток навечер играат на домашен терен и доколку ја искористат предноста ќе ја освојат втората титула во клупската историја. |