20.06.2012, 12:36 Преговорите за новата грчка влада се` уште траат
Лидерот на Нова демократија Андонис Самарас денеска се сретна со шефот на Демократската левица Фотис Кувелис во рамките на последните подготовки за формирање влада на Грција.
- Парламентарната група на Демократската левица одлучи да и изгласа доверба на владата. Нашата поддршка, се разбира, ќе зависи од политиката на владата. Процесот на формулирање на политичката програма се уште е во тек, и нашата партија настојува да се предефинираат мерките кои веќе му наштетија на нашето општество и народот, изјави Кувелис по средбата.
Тој додаде дека до вечерва преговорите за владата ќе бидат завршени и изрази надеж дека утре ќе има крајна одлука за обликот на новата грчка влада.
Самарас во овој момент требаше да има и состанок со лидерот на ПАСОК, но со оглед на тоа што состанокот на Централниот комитет на ПАСОК се уште трае, средбата е презакажана за подоцна попладне.
Внатрепартиски извори од ПАСОК соопштуваат дека атмосферата на партискиот состанок е „повеќе од жешка“ поради несогласувањата на некои високи партиски челници со Венизелос за тоа кој треба да добие министерски места во новиот кабинет. |