21.06.2012, 11:48 (ЕП 2012) Португалија - Чешка, судир на неостварени желби
Чесите сонуваат за повторување на финалето од ЕП 1996, каде што ја поминаа Португалија во четврт-финалето
Завршија вторите шанси, завршија математичките пресметки, следува посуровиот дел од трката за фудбалскиот престол на Европа. Нокаут-фазата од ЕП 2012 ќе ја отворат Португалија и Чешка во дуел за место меѓу најдобрите четири. И двете репрезентации имаат рани за лечење по пропуштените шанси во натпреварите за пехар: Португалците во 2004, Чесите осум години пред тоа. Нивниот последен судир датира од еврошампионатот во Австрија и во Швајцарија, кога Португалија ја совлада Чешка со 3:1 во фазата по групи.
Меѓутоа, Чесите повеќе сакаат да го прескокнат тој спомен и да се вратат до 1996 година, кога преку Португалија, токму во четврт-финалето, го почнаа патот до нивниот најголем дострел од осамостојувањето.
„Европското во 1996 не ми ја промени само кариерата, туку целиот живот. Истото ќе ви го кажат уште седум-осум мои соиграчи, кои по првенството добија трансфери во големи клубови“, изјави Карел Поборски, стрелецот на прекрасниот погодок со кој Чешка ја совлада Португалија со 1:0 во таа средба.
Ретко кој верува дека оваа чешка генерација ќе се крене на нивото од нивните идоли од пред 16 години, особено по неубедливиот старт против Русија (1:4). Но, токму тоа е нивната единствена сличност со јунаците од 1996 бидејќи и тие тогаш стартуваа со пораз во првото коло од групниот сегмент (0:2 со Германија).
Ова првенство веќе понуди неколку изненадувања, но ако Португалија не успее да ја помине Чешка, ќе одекне најголемата сензација во овие две фудбалски недели. Не дека Чесите се во толкава мера аутсајдери, туку, едноставно, јавноста тешко би можела да „свари“ ново разочарување од еден од двајцата најдобри фудбалери во светот. Роналдо беше се' уште тинејџер кога во солзи се бореше со суровата вистина дека Португалците загубија од Грција во финалето од ЕП во 2004. Созреа во лидер на генерацијата, со одговорност да и' го донесе првото европско злато на „Селесао“.
Според многумина, Португалија го заврши потешкиот дел од работата - ја помина „групата на смртта“ - и сега може дури до финалето. Меѓутоа, португалскиот селектор Пауло Бенто смируваше, во обид да го отфрли фаворитскиот товар.
„Не велам дека сме фаворити со Чешка, воопшто нема да биде лесно. Мора да продолжиме да работиме и да го одржиме квалитетот што го покажавме досега. Само така можеме до полуфинале“, изјави Бенто, кој во полна сила ќе им се спротивстави на Чесите.
Тоа не е случај со екипата на Михал Билек, која остана без Томаш Росицки во решавачкиот меч од групната фаза. Се' уште е прашање дали играчот на Арсенал ќе може да ја надмине повредата на Ахиловата тетива, но и да не успее да закрепне, неговото место ќе го земе офанзивецот на Викторија Плзен, Данел Колар, како и против Полска. Иако здрави и подготвени, на сериозен тест ќе бидат неискусните бекови на Чешка, Гебре Селасие и Лимберски, во дуелите со Роналдо, односно Нани. Веројатно овие двобои ќе бидат клучен фактор за епилогот на мечот кој почнува вечерва во 20,45, на „Националниот стадион“ во Варшава. (В.А.)
|