21.06.2012, 15:17 (ЕП ВЕСТИ) Нова казна од УЕФА за „коцкестите“ фанови
Претходните две казни од 25.000 и од 80.000 евра немаа никаков ефект врз хрватските хулигани, а залудни беа и апелите на првите луѓе на ХНС за спортски да се бодри тимот на Славен Билиќ
Додека хрватските фанови тагуваат поради судбината што ги снајде на ЕП и испаѓањето уште во групната фаза, од УЕФА подготвуваат нова казна за Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС). Претходните две казни од 25.000 и од 80.000 евра немаа никаков ефект врз хрватските хулигани, а залудни беа и апелите на првите луѓе на ХНС за спортски да се бодри тимот на Славен Билиќ. Хрватите против Ирска палеа факели, против Италија на расна основа го навредуваа Марио Балотели, а истото сценарио се повтори и во дуелот со Шпанија.
„Отворена е дисциплинска постапка против НСХ по утврдените снимки на кои јасно се гледа како хрватските навивачи палат и ги фрлаат факелите на теренот, а со расистички симболи и транспаренти се појавија на мечот со Шпанија“, пишува во соопштението на УЕФА.
Хрватските и српските медиуми почнаа со преписки за тоа дека во нередите имало српски државјани што биле облечени во хрватски дресови, а главна цел било да се оцрни Хрватска на ЕП.
Казна од 5.000 евра за „Гордиот Албион“
Дисциплинската комисија на УЕФА ја казни англиската Фудбалска асоцијација со 5.000 евра поради обидот на група англиски навивачи да влезат на теренот за време на натпреварот со Шведска. Мечот од второто коло од групата Д што се одигра на 15 јуни во Киев заврши со победа на „Гордиот албион“ од 3:2. ФА има право на жалба на ваквата одлука.
В недела фудбалерите на Рој Хоџсон ги очекува четвртфиналниот дуел на ЕП против Италија.
Досега на ЕП уапсени 515 лица
Од почетокот на Европското фудбалско првенство во Полска се уапсени 515 лица, од кои 153 се странци. Министерот за внатрешни работи Јацек Чихоцки соопшти дека полската полиција се подготвувала и за поголем број апсења.
Најголем број од хулиганите доаѓаат од Русија, дури 92. Шеснаесет државјани има од Хрватска, 15 се од Ирска, а 11 од Белорусија. Од останатите има петмина од Летонија, тројца од Романија, како и по двајца Срби и Германци. Останатите петмина се државјани на Унгарија, на Австрија, на Португалија, на Холандија и на Индија.
Слон и свиња по стапките на октоподот Пол
Кога октоподот Пол ги предвиде резултатите за време на СП 2010 во Јужна Африка светот остана вчудовиден. Животинските пророци продолжуваат и на ЕП 2012 во Полска и во Украина, а засега најдобри во предвидувањето се покажаа две животни: свињата Ема и слоницата Нели, кои досега ги погодија сите резултати на „панцерите“.
Меѓу пророците се најде и кучето (булдог) Хавер, за кое, сепак, се смета дека имал помош од неговите тренери.
|